Lina Altawell
08 Јуни 2026•Ажурирано: 08 Јуни 2026
Неколку експлозии ја потресоа иранската престолнина Техеран денес, во екот на обновената воена ескалација меѓу Иран и Израел, јавува Анадолу.
Експлозиите се слушнаа во западниот дел на Техеран, јави иранскиот државен радиодифузер ИРИБ, додавајќи дека во градот се активирани системите за противвоздушна одбрана.
Противвоздушната одбрана била исто така активирана и во Керманшах, во западниот дел на Иран, објави локалниот медиум „Хабар Фури“ на социјалната мрежа Телеграм.
Израелскиот јавен сервис КАН (KAN) емитуваше снимка, на која се вели дека е прикажан израелски напад врз воена инфраструктура во јужниот дел на Техеран.
Снимката беше емитувана веднаш откако израелската Армија соопшти дека нејзините воени авиони извршиле „напад од големи размери“ врз, како што ги нарече, стратегиските одбранбени системи на иранскиот режим.
Тензиите ескалираа синоќа откако Израел го бомбардираше либанскиот главен град Бејрут и покрај тековниот прекин на огнот, што го предизвика Иран да лансира ракети кон Северен Израел во знак на одмазда, по што Израел започна неколку бранови воздушни напади врз Иран.
Тензиите во регионот ескалираа откако САД и Израел започнаа воздушни напади врз Иран кон крајот на февруари, што предизвика одмазда од страна на Иран врз Израел и други земји во регионот каде што се наоѓаат американски воени бази.
Привремен прекин на огнот беше постигнат на 8 април, но потоа преговорите беа прекинати поради спорови околу неговото спроведување и последователните регионални случувања.