Tarek Chouiref
14 Септември 2026•Ажурирано: 14 Септември 2026
Партијата Ликуд на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека ќе се обиде да им забрани учество на две арапски партии на изборите за Кнесетот, закажани за 27 октомври, јавува Анадолу.
Од Ликуд изјавија дека планираат да поднесат барања за дисквалификација на Заедничката листа и на Обединетата арапска листа (Раам).
Партијата ги обвини за поддршка на „тероризмот“, тврдејќи дека тие ги омаловажуваат израелските војници и одбиваат да ги означат Хамас и Хезболах како терористички организации. Во соопштението не се понудени докази како поткрепа на овие обвинувања.
Овој потег доаѓа во момент кога Ликуд ги засилува нападите врз поранешниот началник на Генералштабот на Армијата, Гади Ајзенкот, чија партија Јашар се појави како главен изборен ривал на Нетанјаху.
Ликуд ги претстави двете арапски партии како „природни партнери“ на Ајзенкот и тврдеше дека тој би се потпрел на нив, како и на опозициските лидери Јаир Голан и Авигдор Либерман, за да формира Влада.
Заедничката листа ги обединува арапските политички партии во Израел, додека Раам, предводена од Менсур Абас, настапува самостојно на изборите откако се издвои од таа коалиција.
Раам стана првата арапска партија што се приклучи кон израелска владејачка коалиција во 2021 година.
Според неодамнешните анкети, партијата Јашар на Ајзенкот е пред Ликуд, додека ниту блокот на Нетанјаху, ниту опозицијата немаат обезбедено јасен пат до 61-то пратеничко место потребно за формирање Влада.
Тоа би можело да им додели значајна улога на арапските партии во постизборните коалициски пресметки.