економија, Балкан

Вучиќ: Србија без договор за гас со Русија наскоро ќе почне да купува од други партнери

- „Не можеме да живееме без НИС. Сакаме да функционираме нормално и не може засекогаш да живееме во услови на санкции. Имаме најави за санкции осум или девет месеци и се однесувавме повеќе од коректно“, изјави претседател Александар Вучиќ

Zlatan Kapic  | 11.12.2025 - Обновена : 11.12.2025
Вучиќ: Србија без договор за гас со Русија наскоро ќе почне да купува од други партнери

САРАЕВО (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека верува оти разговорите меѓу руската страна и арапската компанија за судбината на Нафтената индустрија на Србија (НИС) се сериозни и се водат во добра верба. Вучиќ рече дека се надева оти ќе се постигне договор и дека Русија ќе разбере дека на Србија ѝ е потребна рафинерија и стабилно функционирање на НИС, јавува Анадолу.

„Не можеме да живееме без НИС. Сакаме да функционираме нормално и не може засекогаш да живееме во услови на санкции. Имаме најави за санкции осум или девет месеци и се однесувавме повеќе од коректно“, изјави Вучиќ за ТВ Прва за време на престојот во Ниш, каде што присуствува на отворањето на три фабрики.

Вучиќ истиот ден изјави и дека Србија сè уште не потпишала договор за набавка на гас со Русија и дека наскоро државата ќе почне да купува гас од други партнери. Тој рече дека граѓаните нема да останат без енергија.

„Гарантираме енергетска безбедност. Без енергија, ништо не функционира, ниту болниците ниту клиничките центри. Целиот наш здравствен систем работи на дизел“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека енергетиката е најважна област на националната економија.

Тој, исто така, најави инфраструктурни проекти, вклучително и гасен интерконектор до Северна Македонија и изградба на цевковод за производи и нафтовод до Романија.

Зборувајќи за ситуацијата со НИС, Вучиќ изјави дека очекува решение до 15 јануари. Тој предупреди дека евентуалните секундарни санкции би довеле до компликации во снабдувањето, иако не очекува недостиг на гориво.

„Доколку се прекинат платежните трансакции на која било банка со НИС, 51 место во Србија ќе остане без бензински пумпи. Луѓето ќе мора да патуваат 30-40 километри за да наполнат гориво“, рече Вучиќ. Тој додаде дека очекува државата да „издржи уште еден месец“ додека не се најде решение.

„Пред нас се празници и голем број проблеми, но верувам дека ќе успееме да ги решиме“, рече Вучиќ.

Нафтената индустрија на Србија (НИС) на 18 ноември поднесе ново барање до Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД за издавање посебна лиценца што има цел да овозможи непречено работење.

Со претходната лиценца од 14 ноември, со важност до 13 февруари 2026 година, одобрени се преговори меѓу акционерите и другите заинтересирани страни за промена на сопственичката структура на НИС.

На 9 октомври САД воведоа санкции за НИС поради мнозинската руска сопственост.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın