Владите на Северна Македонија и Србија потпишаа меморандум за разбирање
Меморандумот е потпишан од страна на потпретседателот на Владата на Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за економија, Адријана Месаровиќ
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија денес во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за соработка, пренесува Анадолу.
Меморандумот е потпишан пред официјалниот почеток на Македонско-српскиот бизнис-форум од страна на потпретседателот на Владата на Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и потпретседателката на Владата на Република Србија и министерка за економија, Адријана Месаровиќ.
Меморандумот, како што се вели во соопштението на Владата на РСМ, претставува значаен чекор во продлабочувањето на стратешката економска соработка меѓу двете земји и поставува рамка за поттикнување на трговијата, инвестициите, размената на искуства и развојот на заеднички проекти.
Се додава дека со документот се опфаќа унапредувањето на комуникацијата меѓу институциите и приватниот сектор, размената на информации и добри практики, координацијата на економските политики, поддршката за деловните субјекти и создавањето услови за посилен заеднички настап на регионалните и трети пазари, а посебен акцент е ставен и на унапредувањето на инфраструктурната поврзаност меѓу двете земји, вклучително и соработката на проекти од заеднички интерес како што е развојот и модернизацијата на железничката и патната инфраструктура.
„Со денешното потпишување, Меморандумот кој веднаш стапува во сила и останува важечки пет години, ја потврдува јасната политичка волја и заедничката определба на двете влади за интензивирање на економската соработка и отворање нови можности за бизнис-заедниците“, се нагласува од Владата.
Се додава дека денешниот Македонско-српски бизнис-форум ги обединува водечките компании, институции и инвеститори од Северна Македонија и Србија и дека се очекува да отвори нови партнерства, да ги засили деловните контакти и да овозможи брза операционализација на приоритетите предвидени со Меморандумот, придонесувајќи за уште поинтензивен економски развој и соработка меѓу двете земји.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
