Bojana Stojanovic
09 Ноември 2018•Ажурирај: 10 Ноември 2018
БЕЛГРАД (AA) - Трговските и политичките односи на Русија и Србија се на високо ниво, истакнаа денеска во Белград потпретседателот на Владата на Русија Јури Борисов и претседателот на Србија Александар Вучиќ кои разговараа за посетата на рускиот претседател Владимир Путин во јануари наредната година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што е соопштено од Претседателството на Србија, Вучиќ истакна дека постои напредок во областите на железничката инфраструктура, енергетиката и воено-техничката соработка и дека е исклучително задоволен со досегашната реализација на заедничките проекти.
Тој нагласи и дека Турскиот тек е од големо значење за Србија.
Потпретседателот Борисов се заблагодари на приемот во Србија и истакна дека трговските и политичките односи се на високо ниво.
Претседателот на Србија, Вучиќ, истакна и дека постои силен потенцијал за развој на стопанското производство и дека е уверен дека ќе биде се повеќе производи кои ќе можат да се пласираат на рускиот пазар. Исто така, тој истакна дека Србија е спремна да помогне да се формираат заеднички српско-руски производни компании, посебно во областа на машинската индустрија.
Вучиќ и Борисов, кој е и копретседател на Меѓувладиниот комитет за трговија, економска и научно-техничка соработка на Србија и Русија, разговараа и за подготвување на посета на Србија, на претседателот на Русија Владимир Путин, во јануари следната година, како и за низа документи кои ќе бидат потпишани во текот на посетата, а кои дополнително ќе ја зајакнат меѓусебната соработка.
На состанокот присуствуваа првиот претседател на Владата и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, потпретседателката на Владата и министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктура Зорана Михајловиќ, министерот за одбрана Александар Вулин, како и министерот за рударство и енергетика, Александар Антиќ.