Балкан

Четврт век од рушењето на Стариот мост во Мостар: Чин кој и денес буди болни сеќавања

„Рушењето на Стариот мост не беше само рушење на еден мост. Тоа за мене на некој начин беше и рушење на моите спомени. За мене тоа претставува еден емотивен капитал, а потоа архитектонски, историски и секаков друг“, вели уметникот Божиќ.

Gordana Simovic  | 09.11.2018 - Обновена : 11.11.2018
Четврт век од рушењето на Стариот мост во Мостар: Чин кој и денес буди болни сеќавања ( Foto: Zeljko Milicevic/ AA)

Mostar

МОСТАР (AA) – Рушењето на Стариот мост во Мостар на 9 ноември 1993 година беше вест која предизвика внимание кај светската јавност, а и по 25 години во градот на Неретва е тема што ги отвора старите рани и буди болни сеќавања, јавува Anadolu Agency (AA).

Новинарот Алија Бехрам, кој му сведочеше на стравичниот настан и веста за рушењето на Стариот мост прв ја пратил од Мостар, вели дека тоа е единствената ексклузивна вест во неговата долгогодишна кариера, за која би сакал никогаш да не ја ни имало.

„Поминаа 25 години, но некои слики остануваат впечатливо врежани во паметењето. Додека пред малку шетав тука околу Стариот мост, се присетив на многу детали. Тоа беше еден момент за паметење додека си жив. Говорам за моментот во кој морав да се јавувам во светот“, вели Бехрам, присетувајќи се на 9 ноември 1993 година, кога во 10:16 часот лакот на Стариот мост се срушил во Неретва.

Во тоа време, како што нагласува, во Мостар имало многу малку дописници бидејќи сите отишле таму каде што се седиштата на нивните редакции, а во тој дел на градот врските со остатокот на светот биле прекинати. Бил во шок, но знаел дека мора да го извести светот за тоа што се случило.

„Во сплет на околности, бев тој кој прв на Радио БиХ ја јави таа вест. Среќна околност е што во тоа време во делот на градот кој беше под опсада и во кој се случи тоа ужасно и неповторливо злосторство од мој агол на гледање, се случи и тоа Сафет Оручевиќ, тогашниот претседател на раното Претседателство во Мостар, да има со себе сателитски телефон. Јас дознав дека Сафет има телефон и реков, мораме да се јавиме веднаш“, раскажува Бехрам за својата најтешка задача во богатата новинарска кариера.

Преку сателитскиот телефон, кој како што вели Бехрам, Оручевиќ го добил од тогашниот претседател на БиХ, Алија Изетбеговиќ, ја испратил информацијата на Радио БиХ.

За да можат да се јават од Мостар воспоставен е радиомост со Радио Студио Мостар и Радио Босна и Херцеговина.

„Воспоставивме радиомост кога јас соопштив и официјално потврдив дека како сведок на времето и новинар на „Oslobođenje“ го забележав тоа страшно злосторство. Секако, на тој радиомост се јави и Сафет Оручевиќ по повод злосторството. Она што морам да го кажам, мене не ме изненади чинот на рушењето на Стариот мост на 9 ноември. Ние сведочевме и ден претходно..., па тоа беа неколку десетици гранати кои го погодуваа Стариот мост и откинуваа парче по парче од неговата структура која се рушеше во водата. Јас тој чин на бомбардирање на мостот го гледав и на 8 ноември“, се присетува Бахрам во разговорот за Anadolu Agency (AA).

Тој во неколку наврати бил во Хашкиот трибунал и го следел судењето, изрекувањето на првостепената пресуда, а подоца и завршните пресуди во случајот „Шесторка“ и нагласува дека тогаш имало дилеми, бидејќи еден од тогашните обвинети, Слободан Праљак, прашал „од каде камери да го снимаат рушењето на Стариот мост“.

„Беше логично и очекувано сите што имаат фотоапарат или камера да ги стават на сталка и да го чекаат тој судбоносен момент“, појаснува Бахрам.

„Тоа беше повеќекратно бомбардирање на Стариот мост, кое започна на 8 ноември. Јас го гледав со своите очи. Иако веќе тогаш бев со 20 години професионално искуство во новинарството како дописник и професионално вработен новинар на сараевско „Oslobođenje“, бев заледен. Не ни замислував што би можело да се случи, кога би можело да се случи, воопшто, претставата за рушењето на мостот не беше присутна, и чувствував некој привиден ужасен бес, некој внатрешен немир, бидејќи бевме врзани за лакот на Стариот мост. Тука се состанувавме, под Стариот мост се бањавме, тука се случуваа нашите први љубовни приказни, нашите големи пријателства, сè... Ова е срцето на Мостар поради што и денес се доаѓа во Мостар“, истакнува Бахрам.

Тој потсетува на фактот што преку милион туристи од сите краеви на светот годишно го посетуват Мостар и се фотографираат кај Стариот мост, слушајќи ги приказните од туристичките водичи за феноменот на Стариот мост, кој важи за една од најубавите градби од османлискиот период на Балканот.

Мостарскиот уметник Мирко Божиќ смета дека Стариот мост е визит-карта на Мостар и дека неговата вредност е непроцелнива, поради што не чуди тоа што на 9 ноември секоја година за неговото рушење се говори со посебен пиетет. Тој вели дека имал само 9 години кога мостот е срушен.

„Со оглед дека до војната живеевме во Стариот град, сосема сигурно е да се биде емотивно врзан, па тогаш и малку поинаку да се реагира на тие работи. Јас тоа го нарекувам одложена траума, бидејќи дури кога слегна, тогаш ја сфаќате улогата на тој некој простор кој имал каква било улога во вашиот живот. Јас, исто така, тоа подоцна го сфатив“, признава Божиќ.

Сите што живееле околу Стариот мост имаат приказна за историскиот настан од 9.11.1993 година, која е поинаква и без сомнеж полна со емоции кога е оваа тема во прашање.

„Рушењето на Стариот мост не беше само рушење на еден мост. Тоа за мене на некој начин беше и рушење на моите спомени. Ние растевме тука. Ние не си игравме по паркови, или на некое друго место, туку се вртевме тука и правевме куќи на дрво, така што за мене тоа претставува еден емотивен капитал, а потоа архитектонски, историски и секаков друг“, вели Божиќ.

Жителите на Мостар велат дека Стариот мост е дел од нив, дел од секој оној што е роден во Мостар и секој човек што некогаш дошол во овој град и што живеел тука во срцето го носи Стариот мост. Бидејќи, тој е симбол не само на Мостар, не само на градот, туку и на целото општество и на целото ова поднебје.

- Одбележани 25 години од рушењето на Стариот мост во Мостар

Со звуците на сигналите за тревога, фрлањето цвеќе во Неретва и симболичниот скок без аплауз, кој го изведе Адмир Делиќ во 10 часот и 16 минути, денес беше одбележана 25-годишнината од рушењето на Стариот мост во Мостар.

Стариот мост е дело на турскиот градител Хајрудин, а направен е во период помеѓу 1557 - 1566 година.

Обновата на Стариот мост започна во 2000 година, а во 2004 година реконструираниот мост е отворен. Следната година, Стариот мост стана дел од листата на УНЕСКО за заштита на културни споменици.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın