Gordana Simovic
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
МОСТАР (AA) - Со полагање венец пред Спомен-обележјето на брдото Матиќ кај Мостар одбележана е 15. годишнина од загинувањето на македонскиот претседател Борис Трајковски и на уште осум лица од авионот во кој се наоѓаа, јавува Anadolu Agency (AA).
Тогашниот македонски претседател, заедно со сонародниците и членовите на посадата, настрада на 26 февруари во 2004 година во воздухопловната несреќа за време на доаѓањето во Мостар на Меѓународната инвестициска конференција.
На местото на трагичниот настан, заедно со претставниците на Република Северна Македонија и босанско-херцеговските власти, венци положија и властите на ХНК, Градот Мостар, дипломатскиот кор во БиХ и македонските здруженија кои дејствуваат на подрачјето на БиХ.
Присетувајќи се на Трајковски, министерот за локална самоуправа на Владата на Република Северна Македонија, Сухејл Фазлиу, на местото на трагичниот настан рече дека Борис Трајковски бил голем човек од кого младите политичари имаат да научат многу работи.
„Тој беше човек од кого ние, младите политичари, имаме многу да научиме. Тој знаеше како во многу тешки моменти да донесе одлуки кои можеби него го чинеа политички поени во тој момент, но ние, помладите генерации, сега гледаме што значи да се носат такви одлуки, за кои треба да бидеш храбар и силен за да можеш потоа целата таа ситуација да ја менаџираш“, рече Фазлиу.
По него, како што истакна, новата Влада донела нови одлуки што е доказ дека силните политичари имаат континуитет и знаат да донесат во одредени моменти храбри одлуки кои значат многу за граѓаните на Република Северна Македонија.
Истото тоа го посака и за граѓаните на Босна и Херцеговина, но и за политичарите, кои ги повика да најдат заеднички јазик во интерес на сите граѓани и на целиот регион и да носат одлуки за доброто на сите.
За несреќата во која загина Трајковски досега се извршени две истраги и објавени се два извештаја од две комисии. Во двата извештаја како причина на падот на авионот се наведува пилотска грешка и други индиректни системски пропусти.
Според министерот Фазлиу, во Република Северна Македонија сѐ уште постои сомнеж дека врз Трајковски е извршен атентат, но како што нагласи, без докази тоа не може никој да го потврди.
„Знаеше да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не на одредени сили кои имаа главен интерес за дестабилизација на целиот регион“, рече министерот Фазлиу.
Како што истакна тој, ако се појават нови аргументи, Владата на Северна Македонија е расположена да се направи нова истрага.
Вршителот на работите во Амбасадата на Република Северна Македонија во Сараево, Ристе Велковски, лично бил вклучен во работата на тогашниот претседател Трајковски.
„Претседателот Трајковски беше личност, претседател и политичар кој одбележа еден многу тежок период за Македонија и даде извонреден придонес, како за Македонија, така и за регионот и пошироко“, рече Велковски.
Македонскиот претседател Борис Трајковски, заедно со осумчлена делегација, која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар, загина во авионска несреќа на 26 февруари 2004 година.
Освен Трајковски, загинаа и советниците од неговиот Кабинет: Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозанова, претставникот на Министерството за внатрешни работи, Миле Крстевски, телохранителите Борис Велинов и Аце Велиновски и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Инаку, по повод одбележувањето на 15. годишнина од загинувањето на претседателот Трајковски, делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и негова делегација, како и националниот координатор за подготовка на Република Северна Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски, положија венец на вечното почивалиште на Трајковски на гробиштата во Бутел во Скопје.