Husameddin Gina
09 Ноември 2018•Ажурирај: 10 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Нека ни е честит Светскиот ден на ромскиот јазик, велам нека ни е честит, а не да ви е честит, затоа што општество еднакво за сите, основниот принцип на програмата на владината коалиција, е и наша заедничка вредност“, истакна премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во своето обраќање по повод Светскиот ден на ромскиот јазик, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев нагласи дека како Влада се подготвени Република Македонија навистина да биде препознаена од светот како инклузивно општество базирано на прифаќање и славење на различностите, суштински, а не само декларативно.
„Велам да ни е честит затоа што причината за славењето на вашата посебност е причина за славење и за нас. Вие сте дел, почитувани сограѓани Роми, од секојдневниот живот на нашата заедничка Македонија. Толку колку што ромскиот јазик е дел од вашиот секојдневен живот“, рече премиерот Заев.
Во своето обраќање министерот за култура, Асаф Адеми, наведе дека без јазик нема историја, литература, образование, а нема ниту можности за зачувување на културното наследство на еден народ.
„Тој претставува неделив дел од идентитетот на ромската заедница, кој заедно со богатата култура се составен дел и од историјата на земјите во регионот“, рече Асаф Адеми.
„Ви посакувам истрајност во зачувувањето и негувањето не само на јазикот, туку и на културата, традицијата, обичаите, по кои вие се разликувате од сите останати заедници“, рече министерот за образование и наука, Арбер Адеми и додаде:
„Ромската заедница во Република Македонија е всушност државотворна заедница. Како што таа придонесува за градењето на нашата земја, така и државата возвраќа подеднакво како што се грижи и за сите останати граѓани“.
Пратеникот во Собранието на Република Македонија, Самка Ибраимоски, изјави дека ромскиот јазик се нарекува „Романичип“ (romani chip) и тоа е единственото средство кое ги поврзува Ромите без оглед од каде се и од каде доаѓаат.
„Јазикот на еден народ е единственото средство кое го чува идентитетот и обединува еден народ. Со јазикот кажуваат кое е нивното историско етничко наследство и од каде потекнуваат“, нагласи Ибраимовски.
На одбележувањето на Светскиот ден на ромскиот јазик свое обраќање имаше и пратеникот во Собранието на Република Хрватска, Вељко Кајтази.
Инаку, 5 Ноември – Светскиот ден на ромскиот јазик, прогласен во 2015 година од страна на УНЕСКО, со различни информативно-едукативни активности се одбележува и во Република Македонија од страна на релевантните институции и ромските невладини организации.
Според ромските политички претставнци во Македонија, бројот на Роми во Европа е меѓу 12 и 15 милиони, а во повеќе од 60 проценти од земјите во Источна и Југоисточна Европа се говори ромскиот јазик.
Ромскиот јазик е признат како малцински јазик во Македонија, Србија, Словенија, Унгарија, Германија, Романија, Русија, Норвешка, Шведска, Финска.
Според податоците од пописот на населението и домаќинствата во Република Македонија кој се спроведе 2002 година, во земјава живеат 53.879 Роми,односно 2,66 % од вкупната популација во земјата. Некои невладини организации наведуваат дека нивниот број е поголем поради фактот што голем број Роми немаат лични карти и не учествувале во пописот на населението.