Furkan Abdula
09 Ноември 2018•Ажурирај: 11 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Турската фондација „Маариф“ (ТМВ) на 19 ноември 2018 година ќе ја отвори својата градинка во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на ТМВ, таа има за цел, во странство, почнувајќи од градинка, па сѐ до високото образование, да нуди формално и неформално образование, како и негов развој, земајќи ги како база заедничките вредности на човештвото, и во оваа насока да отвори училишта и образовни центри во кои ќе се реализираат научни истражувања и ќе се образоваат педагози.
Во ова соопштение се наведува дека образовните активности на Фондацијата во Македонија започнале со отворање на кампусот во Тетово, каде што се наоѓаат над 300 ученици, почнувајќи од градинка, па до средно училиште.

„Нашата градинка во Скопје, за која активностите ги започнавме оваа година, ќе се отвори на 19 ноември. Во рамки на реставраторските работи започнати во август, целосно го обновивме внатрешниот дел на објектот и го направивме соодветен за нашите деца. Нашата градинка е наменета за деца на возраст од 3 до 6 години. Во неа се наоѓаат пет училници, две соби за спиење, тоалети за ученици, менза, како и игралишта и работни канцеларии“, се истакнува во соопштението, и се додава дека градинката има капацитет од вкупно 150 ученици.
„На барање на родителите, наставата ќе се одвива на турски, македонски, албански и на англиски јазик. Училниците ќе бидат формирани според јазиците, и наставата ќе се одвива на тој начин. За повеќе информации и запишување во градинката ги покануваме сите родители во нашето училиште“, се вели во соопштението на Турската фондација „Маариф“.