Admir Fazlagic
04 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија, во соработка со Светската банка (СБ) и Фондот за иновации и развој на Република Македонија, ќе поддржат проект за поддршка за отворање бизнис-акцелератори за младите лица во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, директорот на Светската банка за Македонија и за Косово, Марко Мантованели и директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, присуствуваа денеска на потпишувањето договори за финансиска поддршка за отворање бизнис-акцелератори за млади лица во Владата на Република Македонија.
Премиерот Заев истакна дека му претставува задоволство што за првпат Владата на Република Македонија во соработка со Фондот за иновации и развој и Светската банка, доделува финансиска поддршка за отворање три бизнис-акцелератори за млади лица.
„Отвораме можност за развој на старт-ап компании, брзорастечки бизниси и многу добро платени работни места за младите во Македонија. Уште еднаш ја потврдуваме нашата силна заложба да ги втемелиме иновациите и претприемништвото како основа за енономскиот развој на нашата земја. Сите млади луѓе кои поседуваат креативни бизнис-планови ќе добијат силна поддршка да ги развијат во конкретни бизниси и старт-ап компании, кои ќе носат профит и ќе претставуваат развоен дел од македонската економија“, истакна премиерот Заев.
Како што додаде тој, со оваа финансиска поддршка избраните конзорциуими ќе донираат бизнис-акцелератори кои ќе развиваат програми за развој на старт-ап компании за млади лица и за развој на бизниси кои ќе отвораат високоплатени работни места.
Премиерот Заев информираше дека станува збор за прв најголем проект за поддршка за отворање бизнис-акцелератори кој се спроведува во Република Македонија со поддршка на Владата, Фондот за иновации и Светската банка.
Вицепремиерот Анѓушев, во однос на проектот за поддршка за отворање бизнис-акцелератори за младите лица, рече дека станува збор за еден од пакетот мерки кои Владата за поддршка на стопанството ги доделува оваа година.
Според неговите зборови, акцелераторите се место каде што треба младите луѓе да ги формираат своите фирми.
„Она што сакам да го подвлечам е дека првпат се финансира 1,45 милион евра со поддршка на Светска банка, а како поддршка на Владата во акцелераторите, но и организаторите на акцелераторите, тоа се компаниите кои денеска ја добиваат оваа задача, но и поддршка, ќе инвестираат сопствени 550 илјади евра. Ќе бидат помогнати повеќе десетици млади компании кои ќе се формираат, а ќе добијат не само финансиска поддршка, туку и поддршка во знаење“, истакна Анѓушев.
Директорот на Светската банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели, рече дека се многу горди поради тоа што, како што посочи, ова е многу важна агенда за да се премости јазот помеѓу истражувањето и развојот, како и помеѓу потребите на фирмите.
Тој изрази надеж дека финансиската поддршка од Светска банка ќе помогне во понатамошниот развој на земјата.
„Акцелераторските услуги се важни бидејќи обезбедуваат информации, совети, консалтинг, менторирање и друга деловна поддршка на новооснованите претпријатија, со цел да се поттикне нивниот деловен развој и комерцијализација. Сметаме дека успешната иновативност е од клучна важност за создавање динамичен приватен сектор и економија предводена од приватниот сектор. Иновациите им овозможуваат на фирмите да се специјализираат и да ги намалувааат трошоците“, порача Мантованели.
Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации, рече дека Македонија станува дел од успешните светски приказни и модели кои со ова ги носи во Македонија и ги става достапни за граѓаните, но додаде дека допрва треба да се пишуваат успешните приказни.
Според него ова е можност младите луѓе да го искористат својот потенцијал и својата успешна приказна да ја пишуваат во Македонија, а не некаде во странство.