Admir Fazlagic
08 Септември 2018•Ажурирај: 09 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Владата на Република Македонија Зоран Заев вечерва се обрати на централната прослава по повод 27. години од независноста на држава и порача дека референдумот на 30 септември е историски момент во кој граѓаните без разлика на нивната политичка, етничка или било која определба имаат можност да бидат архитекти на својата иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ова е историскиот момент во кој секој граѓанин без разлика на неговата полтичка, етничка или било која определба ја добива можноста да биде архитект на нашата заендичка иднина. Да донесеме одлука за нашата втора независност", порача Заев во своето обраќање пред присутните граѓани во дворот на Владата на Република Македонија на вечерашната централна прослава по повод Денот на независноста - 8 Септември.
Премиерот Заев во својот говор рече дека денес е посебен ден за Република Македонија потсетуваќи дека на денешен ден пред 27 години граѓаните на Република Макеоднија донесоа историска одлука и гласаа за независност и суверенитет.
Заев истакна дека во текот на изминатите 27 години од независноста, Македонија беше заглавена во етнички и политички конфликти, економијата не напредуваше доволно и граѓаните осиромашија. Тој додаде дека Македонија не го обезбеди напредокот за кој сонуваа македонските граѓани, а тоа е да го остварат својот сон за поуспешен живот.
Премиерот на Македонија порача дека сега е време граѓаните да бидат храбри и да гледаат кон иднината.
Тој ги повика младите, да излезат на референдумот на 30 септември и да ја земат судбината во свои раце, истакнувајќи дека сегашните генерации имаат привилегија да ја менуваат Македонија кон подобро.
Во своето обраќање, премиерот Заев се освна и на Договорот за спорот за името со Грција исакнувајќи дека одговорност беше да се реши ова прашање, бидејќи, како што рече ја загрозуваше иднината на Македонија и упати благодарност до сите граѓани на Република Македонија.
„Вечерва сакам да им се заблагодарам на сите граѓани, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други етнички заедници што во овие моменти покажуваат другарско и братско разбирање и што даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци. Оваа поддршка, ова разбирање за заштитениот македонски идентитет е од огромно значење за градење едно општество. Овие мостови кои ги градиме се крвотокот за нашата меѓусебна доверба. Затоа искрено им благодариме на сите наши граѓани за нивната солидарност", рече Заев и ги повика граѓаните на 30 септември да излезат на референдумот и да ја преземат, како што рече, најсвечената патриотска должност на татковината - да излезат на референдум и да го дадат својот глас, со што, како што порача, ќе донесат одлука за својата иднина.
Вечерва во празнична атмосфера пред платото на Владата бројни граѓани од сите делови на земјата, присуствуваа на централната манифестација по повод одбелележувањето на 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.
Прославата почна со забавна програма за најмладите, а продолжи со забавно-музичкиот дел за возрасните. Програмата потоа продолжи со музиката на оркестарот на Македонската филхармонија заедно со пејачките Тамара и Тијана кои интерпретираа македонски евегрини.
Инаку, Република Македонија, денеска одбележува 27 години самостојност и независност, по успешно спроведениот Референдум, што се одржа на 8 септември 1991 година, а на кој над 95 проценти од граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.