Zülfiya Yakup
09 Септември 2018•Ажурирај: 09 Септември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Состанокот на политичките претставници на Србите од Косово со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се одржа синоќа во општина Звечан, северниот дел на Косово, и по неговото воведно излагање, беше затворен за јавноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ во уводното обраќање истакна дека има малку рационални Срби кои знаат колку е тешко и комплексно прашањето за Косово и кои се свесни дека Косово не е ниту српско, ниту албанско.
Тој нагласи дека Србија мора да се бори за интересите на својот народ и земја, но дека нарушувањето на мирот и стабилноста ќе ги загрози косовските Срби, особено оние што живеат јужно од реката Ибар. Го повтори мислењето дека Косово и Србија се далеку од решение поради оддалечените ставови и поради значаен дел од меѓународната заедница.
Порача дека е важно што државниот буџет е таков што сега за првпат Србија може повеќе да му помогне на својот народ на Косово, што според него, е од суштинско значење за јакнење на позицијата на Србите, за јакнење на Србија и за јакнење на капацитетот на српскиот народ и иднината.
„Токму затоа сум подготвен да ги слушнам претставниците и на општините и на нашите јавни претпријатија, на нашите компании, бидејќи јасно ви е дека од вложувањата во Трепча, до она што веќе го инвестиравме во Газивода, што уште дополнително можеме да направиме до отпочнувањето со работа на многу производствени погони на Косово, и дека тоа се нешта кои суштински ќе ја променат положбата на нашиот народ“, истакна Вучиќ.
Состанокот доцнеше, бидејќи, како што рече Вучиќ, телефонски разговарал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, истакнувајќи дека мора да му се јави на претседателот Ердоган, бидејќи и тој нему му се јавувал на секој повик.
Пред состанокот во Звечак, Вучиќ ги посети штандовите на косовските и српските стопанственици на Бизнис-форумот во Лепосавиќ, од каде што упати повик стопанствениците од Србија да вложуваат во десетте општини со мнозинско српско население на Косово, но и во средини во кои живеат Албанци, и да прават пари. Нагласи дека вложувачите од Србија ќе добијат субвенции.
Главниот говор на Вучиќ е најавен за денес во Северна Митровица.