Муцунски: Владата ниту водела ниту ќе води политика за прифаќање мигранти
- „Таква иницијатива ниту е разгледувана ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина“, истакна Муцунски
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес рече дека Владата ниту водела ниту ќе води политика за прифаќање мигранти - во каква било форма, истакнувајќи дека Владата е целосно посветена на економскиот развој и на подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните, пренесува Анадолу.
Муцунски во објава на американската платформа за социјални мрежи Х истакна дека Владата „гради партнерства што носат конкретни придобивки за секое семејство, за секоја општина и за државата како целина“.
„И сакам да бидам кристално јасен: оваа Влада ниту водела ниту ќе води политика за прифаќање мигранти - во каква било форма. Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни аранжмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина“, порача Муцунски.
Изјавите на Муцунски доаѓаат откако минатата недела британските медиуми објавија дека Велика Британија би можела да ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија, со цел да ја редуцира нелегалната миграција преку море кон земјата, тврдење што владејачката ВМРО-ДПМНЕ го отфрли, негирајќи дека постои таков договор со Велика Британија.
Тој додаде дека стратегиското партнерство со Обединетото Кралство се темели врз меѓусебно почитување и доверба, како и на соработка во политиката, економијата и безбедноста.
„Тоа значи реални иницијативи и проекти што го забрзуваат економскиот развој, отвораат работни места и носат опипливи придобивки за граѓаните - а не сценарија измислени за дневнополитички потреби“, истакна Муцунски.
Според него, темата за наводното прифаќање мигранти претставува класичен дневнополитички обид за дефокус и последица на „драматично нискиот рејтинг и безидејноста во која СДСМ е заглавен подолг период“.
„Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста и, заради партиски интерес, се злоупотребуваат чувствителни теми“, истакна Муцунски.
Претходно, премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски, воедно и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, порача дека во Македонија нема да се градат кампови за мигранти или да се прифаќаат мигранти од Велика Британија. Во изјавата за новинарите тој нагласи дека таква тема никогаш не била предмет на разговори со британските власти.
„Додека сум јас премиер нема да никне ниеден шатор со илегални мигранти и нема да примиме ниту еден мигрант. Со индигнација ги отфрлам овие шпекулации дека планираме да правиме какви било кампови за илегални мигранти. Тема за неуспешни апликанти на азил не е зборувана, а ако некогаш се отвори, ќе биде одбиена“, изјави Мицкоски.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
