Bekim Laci
26 Април 2017•Ажурирај: 27 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје започна регионалната конференција „Медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови“, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот заклучок од самиот почеток на овој собир е дека медијацијата е најдобар и најсоодветен начин за решавање на економските спорови, затоа што се зависи од страните во спорот, кои доброволно се согласуваат да го решат проблемот, избегнувајќи одговорноста која може да произлезе од судската пресуда.
Во изјава за медиумите, извршниот директор на Стопанската комора на Македонија (СКМ), Елисавета Георгиева, рече дека во јуни 2016 во СКМ е формирано посебно одделение за поддршка на медијацијата, и од тогаш се организирани 30 семинари за бизнис секторот во обид да се популаризира медијацијата како алтернативно средство за решавање на спорот.
„Имаме законска регулатива која што во Република Македонија се применува од 2006 година. Медијацијата е институционализирана уште од 2006 но последните промени се направени во 2016 година.Со последните промени коишто се во примена од 01.02.2016 година, на законот за парнична постапка кај стопанските спорови која што вредност не надминува за парични побарувања од еден милион денари, првенствено компаниите пред да одат на суд мораат задолжително да се обидат спорот да го репат по пат на медијација. Доколку тоа не го направат судот ќе им ја отфрли тужбата”, рече Георгиева, објаснувајќи дека поради овие причини институцијата која ја предводи е вклучена во процесот на информирање на бизнис секторот за алтернативните можности за решавање на економските спорови.
Претставникот на Министерството за правда, Милазим Мустафа, во својство на државен советник во овој оддел, на учесниците на конференцијата им го објасни законодавството во областа на медијацијата.
Тој рече дека оваа одредба е производ на следењето на светските трендови во оваа област.
„Процесот на медијација има добар тек, а овие конференции служат за размена на позитивни искуства од регионот и пошироко, со цел медијацијата да дојде до граѓаните, бидејќи на прво место е во нивна корист, затоа што наместо на долгите судски постапки кои трошат време и ресурси, процесите може да се решат полесно, подобро и поефикасно”, рече Мустафа.
Организатор на денешната конференција е СКМ во соработка со Унијата на трговско-индустриските комори на Германија, а на неа учествуваат гости од Албанија, Турција, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Молдавија, кои во текот на денот ќе разговараат за заеднички искуства во оваа област.
Во Македонија дејност вршат 21 лиценцирани медијатори, додека според податоците на СКМ, од вкупно 300 случаи поднесени во постапка, 30 се решени успешно.