Husameddin Gina
03 Јануари 2019•Ажурирај: 04 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Сите оние што ќе платат 8 проценти за својот приход над 90 илјади денари и тоа како треба да ја прифатат солидарноста во нашето општество, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со министерот за финансии, Драган Тевдовски, објаснувајќи ги очекувањата од прогресивниот данок, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев појасни дека прогресивниот данок ќе зафати само 1 отсто од вкупниот број граѓани или 9 илјади граѓани на Македонија.
„Сите оние што ќе платат 8 проценти за својот приход над 90 илјади денари и тоа како треба да ја прифатат солидарноста во нашето општество, поради тоа што само тоа покажува дека исто така сме нормална земја, каде што оние што имаат повеќе, ќе платат повеќе“, рече Заев, осврнувајќи се на прогресивниот данок.
Според премиерот Заев, за сметка на прогресивното оданочување, социјалната помош по сите основи ќе се зголеми за 30 милиони евра, односно ќе порасне од 3.900 на 11.700 денари, а ќе ја примаат над 70 отсто од социјално загрозените семејства во Македонија.
„Со 3.000 денари не се гледа семејство, со 11.700 денари, и тоа како сѐ уште не можеме да кажеме дека граѓаните ќе можат да гледаат семејство. Но со активните мерки за вработување, со можноста што ја даваме за вработување на сите тие приматели на социјална помош, веруваме како секоја нормална земја, дека ќе дадеме резултат кој ќе значи и солидарност и фер и праведност и слично“, истакна премиерот.
Премиерот во денешното обраќање се осврна и на капиталните проекти планирани за оваа година.
Како што рече тој, тендерот за изградбата на Автопатот од Скопје до Блаце се очекува да се објави до крајот на јануари. Изградбата ќе се одвива во две фази, за да се заштеди во време и да се има економска активност. Во првата фаза ќе се изградат 1,9 километар. Во втората 10,4 километри, а документацијата за втората фаза се очекува да биде подготвена во мај или во јуни. За самиот старт вкупната проекција е околу 120 милиони евра. Конечната пресметка ќе биде согласно завршените тендери.
„Продолжуваме врз основа на концептот финансиран од Европската банка за обнова и развој и во дослух со неа и со целосна координација одлучивме да одиме на фазно градење. Конечна цел е побрзо стартување со изградбата, поради тоа што знаеме дека во Косово се при крај и завршуваат активностите од Приштина до Блаце. Така што, ова е еден од првите капитални проекти и еден од најголемите приоритети во делот на патната инфраструктура во Република Македонија“, нагласи премиерот.
Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања за уставните измени, истакна дека сѐ уште работи на тоа да обезбеди 2/3 мнозинство во Парламентот за уставните измени. Како што рече тој, дебатата ќе почне на 9 јануари и иако е предвидено да трае десет дена, очекува да трае два или три, бидејќи ќе биде бојкотирана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев додаде дека е оптимист поради одговорноста што ја чувствуваат сите пратеници.