Ferdi Türkten
05 Јануари 2019•Ажурирај: 05 Јануари 2019
ИЗМИР (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја во 2018 година остварила рекорден годишен извоз од 168,1 милијарда долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес во Измир зборуваше на церемонијата на претставување на кандидатите на локалните избори на 31 март оваа година, а станува збор за кандидати за позицијата градоначалник на Измир и за општините во состав на овој град.
Ердоган, кој воедно е и претседател на АК Партијата, денес ги претстави кандидатите на АК Партијата за 25 од вкупно 30 општини во Измир. За градоначалник на Измир е предложен Нихат Зејбекчи, поранешниот министер за економија на Република Турција.
Во пет преостанати општини во Измир, АК Партијата не ги претстави своите кандидати, а во согласност со претходниот договор со Партијата на национално движење (МХП) за заедничко дејствување на локалните избори. Така во споменатите пет општини се претставени кандидатите во име на МХП.
Зборувајќи во оваа пригода за економијата на Република Турција, Ердоган потсети на историскиот успех кој го оствари неговата земја кога станува збор за извозот.
„Остваривме годишен извоз од 168,1 милијарда долари. Тоа е најголем извоз во историјата на Турција. Нашата поставена цел за извоз беше 170 милијарди, така што бевме многу блиску“, изјави Ердоган, и додаде:
„И покрај бројните напади во триаголникот на курсот, каматата и инфлацијата, Турција во првите три квартали на 2018 година забележа раст од 4,5 отсто.“
Зборувајќи за значајните инфраструктурни проекти кои се реализирани во последниот период, Ердоган потврди дека до крајот на оваа година ќе биде завршен и автопатот кој ќе ги спои Истанбул и Измир.