Merve Özlem Çakır
08 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
АНКАРА
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, во рамки на посетата на Турција се сретна со министерката за трговија на Турција, Рухсар Пекџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓуделегациската средба се одржа во турското Министерство за трговија во Анкара, а на средбата беше разговарано за трговските и економските односи помеѓу Турција и Северна Македонија, како и за развивањето и продлабочувањето на овие односи.
Исто така, на состанокот беше донесена одлука за започнување на преговорите со цел ажурирање на Договорот за слободна трговија помеѓу двете земји, што е во сила од 2001 година и дава значаен придонес во трговските односи, како и за проширување на истиот договор со цел во него да биде вклучен и угостителскиот сектор.
Страните на овој состанок се осврнаа и на можностите за соработка меѓу двете земји, а беше упатен и апел за зголемување на инвестициите.
Во овие рамки, постигнато е усогласување во врска со тоа во најкраток можен рок во текот на годината да се одржи состанокот на Мешовитата економска комисија, како и за одржување на форумот за инвестиции во првата половина на оваа година.
Од друга страна, разговарано е и за тоа турските фирми повеќе да учествуваат во енергетските проекти во Северна Македонија.