Tuba Şahin
03 Април 2020•Ажурирај: 04 Април 2020
АНКАРА
Американската компанија „Боинг“ започнува со план за доброволни откази на работниците во екот на борбата со економските последици од пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Извршниот директор на компанијата, Дејв Калхун, во соопштение изјави дека овој план нуди одредени надоместоци и исплати за работниците кои ги исполнуваат условите и кои сакаат да ја напуштат компанијата.
Тој исто така истакна дека на компанијата ќе ѝ биде потребно време додека закрепне од кризата.
„Кога светот ќе излезе од пандемијата, големината на комерцијалниот пазар и видовите продукти и услуги кои на потрошувачите ќе им бидат потребни, веројатно ќе бидат различни. Компанијата ќе треба да ја избалансира понудата и побарувачката“, изјави Калхун.
Светската здравствена организација (СЗО) на 11 март, поради ширењето на коронавирусот прогласи глобална пандемија. Исто така, СЗО, покрај Европа, за нов епицентар на пандемијата на коронавирусот, кој првпат се појави кон крајот на минатата година во кинескиот град Вухан, ги прогласи и САД.
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, од Ковид-19 во светот починале повеќе од 53.100 лица, а потврдени се над 1.000.000 случаи на заразување со коронавирусот во повеќе од 180 земји. Досега се излекувале повеќе од 210.000 лица.