Emre Gürkan Abay
15 Март 2019•Ажурирај: 16 Март 2019
МОСКВА (АА) - Патнички авион „Boeing 737-800“ принудно слета во рускиот град Сиктивкар, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што наведоа од Рускиот истражен одбор, авионот летал од Мирни кон Москва. Се работи за авион на компанијата „Алроса“ во кој имало 157 патници и шест членови на посадата. Од авиокомпанијата истакнаа дека авионот принудно слетал поради дефект на моторот. Нема повредени лица.
Властите на Руската Федерација го затворија националниот воздушен простор за летови на патничките авиони „Boeing 737 Max“.
Челникот на Рускиот федерален кабинет за воздухопловство (Росавиација), Александар Нерадко, претходно соопшти дека рускиот воздушен простор поради безбедноста на патниците е затворен за комерцијалните летови на авионите „Boeing 737 Max 8“ и „Boeing 737 Max 9“.
Станува збор за модел на авион кој се сруши кај Адис Абеба, главниот град на Етиопија. Загинаа сите 157 патници и членови на посадата.
По авионската несреќа во Етиопија, Турција, Сингапур, Кина, Етиопија, Индонезија, Австралија, Малезија, Оман, Велика Британија, Германија, Франција, Холандија, Австрија, Казахстан, Обединетите Арапски Емирати, Нов Зеланд, Индија, Бахреин, како и Северна Македонија и неколку други земји, ги затворија своите воздушни простори, односно повремено ги запреа летовите во кои се користат авионите „Boeing 737 Max“.