05 Октомври 2020•Ажурирај: 05 Октомври 2020
ТИРАНА
Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, ја започна официјалната двоневна посета на Албанија, што се реализира во рамки на поканата на претседателот на Албанија, Илир Мета, јавува Агенција Анадолија (АА).
Официјалната церемонија за пречек се одржа во седиштето на Претседателството на Албанија, каде што Џаферовиќ беше пречекан од страна на Мета.
По церемонијата, започна тет-а-тет средбата меѓу Џаферовиќ и Мета, со фокус на зајакнувањето на билатералните односи, поттикнување на економско-трговската соработка и на регионалната соработка.
По ова, ќе се одржи билатералната средба меѓу официјалните делегации на Албанија и Босна и Херцеговина, и на крајот е планирано да се одржи прес-конференција на Мета и Џаферовиќ.
Меѓу другото, Џаферовиќ за време на посетата на Албанија ќе се сретне и со премиерот Еди Рама и со претседателот на албанскиот Парламент, Грамоз Ручи.
Џаферовиќ заедно со Мета ќе го посетат и селото Борак во Општина Шијак, каде што живее дел од бошњачката заедница во Албанија.