Admir Fazlagic
05 Октомври 2020•Ажурирај: 06 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека утрово, Комисијата за заразни болести донесе предлог одлука за отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без PCR тестирање, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за здравство, според анализите, во моментов нема индикација, односно нема висок број на импортирани случаи во земјава со ковид-19 од овие земји. Согласно тоа, нема ризик и безбедно е отворањето на границите.
Во Европската Унија сите граници на движење се без PCR тестирање.
Во соопштението се додава дека предлог одлуката ќе биде доставена до Владата на Република Северна Македонија.
По затворањето на границите предизвикани од почетокот на пандемијата на Ковид-19, Северна Македонија на 17 јуни отвори гранични премини во земјата, но со спроведување на мерки за спречување на ширење на вирусот, вклучително и негативен тест на Ковид-19 не постар од 72 часа и потпишување на задолжителна изјава за самоизолација во траење од 14 дена.
Подоцна, на 26 јули, Северна Македонија донесе одлука за отворање на границите за Албанија без Ковид-19 тест и без обврска за карантин, но не и за Косово.
Според податоците на Министерството за здравство, бројот на лицата инфицирани со Ковид-19 изнесува 18.790, од кои 15.341 пациенти се опоравиле, а 756 починале.