Министерот Тошковски во Охрид оствари средба со својот словенечки колега Поклукар
„Одличната идеја за Регионална асоцијација на полициски академии ќе ја поддржиме и учествуваме во неа за да креираме професионални полиции на Балканот за побезбеден регион за сите“

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Панче Тошковски, денес во Охрид оствари работна средба со делегација на Министерството за внатрешни работи на Словенија, предводена од министерот Боштјан Поклукар, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Министерството, на средбата фокусот бил ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на одличните пријателските односи меѓу двете министерства и полиции во борбата против организираниот криминал, ситуацијата со илегалната миграција, внатрешната контрола и соработката помеѓу центрите за обука на полициските службеници.
„Македонската делегација на средбата предложи потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Центарот за обука на МВР и словенечката полициска академија за зајакнување на соработката во областа на образованието и заедничките обуки на кадетите и полициските службеници од двете полиции“, истакна Министерството.
Министерот Тошковски се заблагодари на министерот Поклукар за целата поддршка што Словенија и словенечкото Министерство за внатрешни работи постојано ја даваат како министерство и држава, како во справување со пожарите минатата и оваа година, така и за целата поддршка во справувањето со последиците од трагедијата којашто се случи годинава во Кочани.
„Република Словенија и нејзиното Министерство се едни од клучните партнери и поддржувачи во реформите кои ги правиме, преку користење на нивното знаење и искуство, како за новите закони за полиција и внатрешни работи. Отпочнуваме соработка и во нашата иницијатива за отворање на Регионална асоцијација на полициски академии, обуки за полициските службеници со цел професионализација, доедукација со цел креирање на ефикасна европска полиција“, истакна Тошковски.
Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар, од своја страна, истакна дека огромното пријателство и соработка меѓу двата народа и држави се рефлектира и на министерствата за внатрешни работи.
„Наша оценка е дека Министерството за внатрешни работи и македонската полиција прават одлична работа и тоа секогаш сум го истакнувал и во Европа како член на советот на министри за внатрешни работи на Европа. Одличната идеја за Регионална асоцијација на полициски академии ќе ја поддржиме и учествуваме во неа за да креираме професионални полиции на Балканот за побезбеден регион за сите. Ние сме веќе сојузници заедно во НАТО и нашата поддршка ќе продолжи во секој ваш чекор кон приклучување во нашето европско друштво на нации каде е и вашето место“, нагласи словенечкиот министер.
Тој потенцира дека Словенија целосно ја поддржува Северна Македонија на интегративниот пат кон Европската Унија, ја изрази подготвеноста за помош на европскиот пат, и надеж дека заслуженото место на Северна Македонија во ЕУ ќе дојде што поскоро.