Husamedin Gina
07 Јули 2022•Ажурирај: 08 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) – Комитетот за односи меѓу заедниците кое е постојано работно тело на Собранието на Северна Македонија, денеска одржа комеморативна седница за да го одбележи 11 Јули - Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, пренесува Агенција Анадолија (АА)
Според соопштението од Кабинетот на претседателот на Парламентот, на денешната комеморативна седница учествуваше и претседателот на Парламентот, Талат Џафери.
Џафери во своето обраќање на седницата, истакнувајќи дека во име на Собранието на Република Северна Македонија и во негово лично име, оддава почит на жртвите од геноцидот во Сребреница, рече дека упатува сочувство до семејствата и сограѓаните.
„Кога пред две години бев во Поточари, местото кое одекнуваше со тишината која беше погласна од најголемиот татнеж, каде што тагата и болката се чувствуваа во секој агол, на секој чекор што го правев на тоа тло, помислив дека сме се освестиле за огромната болка што ја предизвикува една таква човечка трагедија и дека конечно ќе можеме да покажеме дека имаме човечка и морална одговорност и почит, ќе се охрабриме и заложиме како човечки суштества за никогаш да не се заборави и да не се повтори. Меѓутоа, се излажав. Повторно и повторно“, нагласи Џафери.
Потсетувајќи дека пред три месеци ја посетил Украина на покана на неговиот колега Стефанчук, Џафери нагласи дека за време на посетата се потсетил на Сребреница, на Косово, а потоа и на мноштвото изјави и заложби на високи официјални лица со огромна моќ на одлучување кои останале неми и немоќни пред стравот и ужасот на војната.
Во своето обраќање, Џафери се осврна и на изградувањето официјален став на државата во однос на францускиот предлог.
„Да бидеме мудри и сплотени, да изградиме официјален став за францускиот, сега веќе европски предлог, како држава, со широк консултативен процес со сите чинители во државата, со опозицијата, граѓанскиот сектор, медиумите, експертската и севкупната јавност во земјата, и се разбира, да го разгледаме во Собранието, затоа што предлогот е солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за оваа можност која се отвора за нашата земја сега и можеби никогаш повеќе за официјално отпочнување на преговарачкиот процес и одржување на првата меѓувладина конференција со Европската Унија“, додаде Џафери.