Балкан

Ковачевски: „Најостро ги осудувам вчерашните настани на протестите“

- Премиерот Ковачевски најостро ги осуди вчерашните настани на протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ

Furkan Abdula  | 07.07.2022 - Обновена : 08.07.2022
Ковачевски: „Најостро ги осудувам вчерашните настани на протестите“

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, истакна дека најостро ги осудува вчерашните настани кои се случија на протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ), пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Најостро ги осудувам вчерашните настани, кои, за голема среќа, не резултираа фатално за граѓаните. Никаков револт не може да оправда употреба на огнено оружје од страна на цивили, каменување, оштетување државен имот, посегнување по нечиј живот“, напиша Ковачевски на својот фејсбук-профил.

Тој нагласи дека изразувањето незадоволство преку мирно протестирање е уставно загарантирано право и Владата на Северна Македонија досега повеќепати покажала и докажала дека демократијата е во рацете на граѓаните и никој нема да им го ускрати тоа право.

Според него, омразата и насилството не биле решение и никогаш нема да бидат решение за ништо.

Ковачевски рече дека од последните случувања и хулиганското однесување на улица има само еден губитник, а тоа, според него, е Република Северна Македонија.

„Ги повикувам политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања. Ваквите сценарија веќе ни се добро познати на сите нас. Вчера видовме страшен пример за политичари кои имаа несовладлива склоност да играат улога на жртва, поради голема желба за моќ. Ваквите „игри” го покажуваат вистинското лице на оние кои се кријат зад народот. Еден ден ги поттикнуваат на радикализам, веќе следниот се повлекуваат и оградуваат од граѓаните кои претходно ги изманипулирале. Ним сакам да им порачам - крвавите сцени во законодавниот дом, на улиците низ државата, се едно минато време кое е зад нас и на кое никогаш нема да дозволам да се вратиме“, нагласи Ковачевски.

Тој истакна дека сегашноста ни укажува на други приоритети, а тоа се хармонија и просперитет.

Како што наведе Ковачевски, во Северна Македонија институциите функционираат, оттука секој проблем, прашање, се решаваат низ дијалог.

Ковачевски нагласи дека така функционира земја членка на НАТО, така функционира земја чија иднина е ЕУ, така функционира и Северна Македонија.

„Во ниту еден момент како Влада не сме ги довеле под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Наша обврска е да го сочуваме достоинството на граѓаните и тоа го правиме. Ние сме европска влада и се залагаме за европски вредности“, додаде Ковачевски.

Веќе неколку дена продолжуваат протестите на граѓаните кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.