СКОПЈЕ
Актуелниот вршител на должноста претседател на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија, Шаќир Фетаху, е избран за претседател на оваа институција по денешните одржани избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
На изборите, членовите на Риасетот на ИВЗ гласаа за двајца кандидати, актуелниот в.д. претседател на ИВЗ, Шаќир Фетаху и муфтијата на Тетово, Ќани Несими. Фетаху освои 18 гласа, а Несими освои 3 гласа.
По одржаните избори, пред седиштето на ИВЗ во Скопје, новоизбраниот претседател на ИВЗ, Шаќир Фетаху, одржа прес-конференција на која рече дека „денес е голем ден за сите муслимани во земјата и за нејзините граѓани“.
„ИВЗ на Република Северна Македонија денеска победи. Сите победивме. Победи духовното, моралното, човечкото и конструктивното. Од денеска ни е дадена доверба со голема одговорност да го претставиме исламот и неговите изворни вредности и традиционалниот дух. Со цел оваа опција да го претстави духот на Алаховиот збор, мирот, толеранцијата и соработката, со сите да биде конструктивен и креативен субјект во нашето општество и пошироко, нашето патување ќе биде знаење, консултација, траспарентност и во служба кон секој верник и граѓанин на ова општество. Ќе изградиме современа заедница која успешно ќе одговори на предизвиците на современото време“, рече Фетаху во обраќањето.
- Кој е проф. Шаќир Фетаху?
Шаќир Фетаху е роден на 25 април во 1959 година во гостиварското село Чегране. Средното училиште го завршил во 1980 година во медресата (верско училиште) „Алаудин“ во Приштина, а потоа студиите ги продолжил во Факултетот за исламски науки во Сараево, Босна и Херцеговина, каде што успешно ги завршил во 1984 година.
По завршување на студиите во Сараево, се вработил во џамијата во селото Чегране како имам и учител, а потоа бил именуван како предавач во медресата „Иса Бег“ во Скопје, каде што работел 10 години.
Во 1994 година, Фетаху беше именуван на позицијата директор на Одделот за исламска наука и исламска култура при ИВЗ, а во 2001 година беше избран за гостиварски муфтија, функцијата која ја извршува и денес.
Фетаху е хафиз на Куранот од 15-годишна возраст. Уште од средно училиште пишува на различни теми од областа на исламот.
На 27 мај, Риасетот на ИВЗ го именуваше за вршител на должноста претседател на ИВЗ до подготвување на условите за нови избори за претседател на ИВЗ на Северна Македонија, а на денешните избори го прогласи за новоизбран претседател на оваа институција.