Furkan Abdula
01 Јануари 2022•Ажурирај: 02 Јануари 2022
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, соопшти дека првото бебе родено веднаш по полноќ во новата 2022 година е машко, додека второто бебе е женско, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, министерот Филипче ги посети првите бебиња родени по полноќ во новата година.
Откако ги посети новородените, Филипче во изјавата за медиумите истакна дека првото бебе родено во новата година е машко бебе.
„Првото бебе од годинава е машко бебе. Посакувам да расте здраво, да биде успешно бебе. Има 3 килограми и 70 грама. Има 50 сантиметри. Родено е во првата минута веднаш после полноќ. А во втората (минута) уште едно бебе е породено. Ова првото е спонтано породување, а второто со царски рез, и е женско бебе. 3 килограми и 50 грама. Има исто така 50 сантиметри. И тоа посакувам да биде здраво и понатаму во животот да биде успешно“, нагласи Филипче.
„Има уште едно (машко) бебе родено утрово околу 5 часот, во Ковид-центарот. Тоа е мајка која е позитивна на Ковид-19, го поминала породувањето без никакви проблеми. И тоа бебе и мајката се добри“, додаде тој.
Филипче даде информации за состојбата и во другите јавни здравствени установи и рече дека на Клиниката за токсикологија примени се 17 пациенти, од кои 11 се примени поради состојба на алкохолизираност.
Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, Викторија Јовановска, нагласи дека сите деца родени по полноќ се во добра здравствена состојба.
„Сè се чини дека годината ќе ни биде одлична. Сите деца породени после полноќ се добри, вклучувајќи го и бебето што се роди во Ковид-центарот. Исто така и мајката е добра, спонтано породена и набргу ќе замине дома“, истакна таа, посакувајќи оваа година конечно да заврши пандемијата.