Mehmet Kumcağız
21 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
САМСУН (АА) - Лекарите од Клиничкиот центар на Универзитетот „ 19 мај“, во Самсун оперираа петмесечно бебе и од неговите бубрези отстранија вкупно 56 каменчиња со различна големина, јавува Anadolu Agency (AA).
Ретко виден случај во медицинската пракса е забележан кај петмесечното бебе Толгахан од Орду, кое од градската болница за подетални испитувања бил префрлен во Клиничкиот универзитетски центар во градот, каде што урологот Беркан Ресорлу со ултразвук открил каменчиња во двата бубрега.
Со оперативен зафат од двата бубрега се извадени 56 каменчиња.
„Бебето е хоспитализирано поради проблеми што предизвикувале престан на работата на бубрезите поради каменчињата, формирани како резултат на серија генетски нарушувања кои ги откривме кај бебето. Од левиот бубрег отстранивме 36, а од десниот 20 каменчиња и така го решивме проблемот на бебето“, рече Ресорлу.
Истакнувајќи дека тоа е редок случај, на толку млада возраст кај децата да дојде до формирање на каменчиња во бубрезите, Ресорлу рече дека тоа сепак се случува, а најчесто поради генетски наследни проблеми со метаболизмот и со анатомијата.