Ivana Ramadanova
09 Август 2016•Ажурирај: 10 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Дванаесетгодишно дете е последната пронајдена жртва која почина во поплавите во Скопје и регионот, додека пак шеснаесетмесечно бебе е пријавено за исчезнато, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, вчера лицето И.Г. од Стајковци го пронашол телото на своето 12-годишно дете кое претходно беше пријавено за исчезнaто.
„Вчера околу 20:40 часот пријавено е дека на последната постојка 65 во населба Сингелиќ, од страна на неговиот татко било пронајдено починатото дете. По извршената идентификација по наредба на ЈО, телото на починатото дете е предадено на фамилијата за погреб”, вели Наталија Спирова Кодриќ, портпарол на МВР.
Оттаму информираат и дека вчера околу 18 часот, лицето Џ.Ф. пријавило дека на 6 август околу 20 часот, во близина на обиколницата Смилковско Езеро, неговиот сега починат брат Фуркан Фејзула управувал возило. Во возилото се наоѓала и неговата шеснаесетмесечна ќерка Елиф Фејзула. Во текот на невремето наишол голем воден бран, кој почнал да го носи возилото, од кога на детето му се губи секоја трага.
Во меѓувреме, Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, изјави дека како резултат на поплавите во ноќта на 6 август, од кои најмногу беа погодени населбите во околината на Скопје, досега се идентификувани 22 жртви, а според информациите што ги поседува оваа институција, четири други лица сѐ уште се водат за исчезнати.
Салиу најави дека 276 лица ангажирани од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, поделени во тимови, од првата вечер на врнежите работат на терен за да им помогнат на жителите погодени од поплавите. Тој додаде дека Владата на Република Македонија до вчера работела со 85 пумпи за повлекување на водата од куќите, а од денес во употреба, исто така, ќе бидат 1.180 нови пумпи.
„Ние ја следевме состојбата пред неколку дена. Прво, околу климатските промени, ние имаме дневни оценки не само за ризикот од поплави, но и од други природни катастрофи. За климатските промени секој ден се информираме од Управата за хидрометеоролошки работи. Сепак, никој не помислуваше на вакво нешто. Феноменот кој го објаснува Управата за хидрометеролошки работи е на друг начин. Апсолутно нема никаква заштита кога имаме врнежи. Тоа се случи во многу кратко време“, рече Салиу.
Тој нагласи дека за време на поплавите, откако бил известен дека ќе има врнежи, ангажирал тимови на должност од институцијата што ја предводи. Тој додаде дека вакви врнежи се случиле и порано, во други земји, но оваа катастрофа беше неочекувана.