Zülfiya Yakup
28 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
ПРИШТИНА (AA) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денес потпиша пакет закони за трансформација на Косовските безбедносни сили во Војска на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
На потпишувањето на законот присуствуваа командатот на Косовските безбедносни сили (КБС) Рахман Рама и кадетите на КБС. Законите стапуваат во сила веднаш по потпишување на декретот.
Претседателот Тачи по потпишување на законот изјави дека ова е важен ден на официјализирање на Војската на Косово.
„Како претседател на Република Косово и врховен командант на војската на Косово, уште еднаш сакам да ви честитам вам почитуван команданте, на сите војници, офицери, подофицери и народот на Косово, да им се заблагодарам на меѓународните поддржувачи, на САД и на другите држави сојузници на овој важен ден на официјализирање на Војската на Косово", рече Тачи.
Пакетот закони за трансформација на КБС во Војска е усвоен со апсолутно мнозинство гласови во Собранието на Косово на 14 декември. На гласањето не присуствуваа пратеници од српската заедница. Во пакетот закони се Закон за Министерство за одбрана, Закон за Косовски безбедносни сили и Закон за служба во Косовските безбедносни сили.
„Со овие закони Косовските безбедносни сили добија мандат да го „штитат територијалниот интегритет, граѓаните, имотот и интересите на Косово", како „воени мултиетнички сили, професионални, вооружени и овластени за служење во земјата и странство, во согласност со својот уставен и законски мандат".