Husameddin Gina
28 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Новинарите кои известуваа за време на настаните од 27 април минатата година, денеска пред Собранието на Македонија, ја обзнанија иницијативата за покренување тужба против државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Иницијативата ја обзнани новинарот Боби Христов, истакнувајќи дека тужбата може да биде проширена и по други основи, односно во граѓанска постапка да се утврди одговорноста на поединци коишто со преземање или непреземање одредени дејства придонеле во настанатата ситуација.
„Сакаме да обзнаниме дека најмалку 15 новинари досега коишто на 27 април известуваа од сала 3, внатре од Собранието, покренуваме иницијатива за тужба против државата, за надомест на штета согласно член 166 од Законот за облигациони односи“, рече Боби Христов.
Нагласувајќи дека иницијативата е отворена за сите новинари што известувале тој ден во Собранието, било да се фотографи, сниматели или новинари, Боби Христов рече дека постапката ќе продолжи по новогодишните празници, а за тоа имаат обезбедено и адвокатски тим. Дел од трошоците, односно судките трошоци ќе ги плаќаат самите тужители.
Според Христов, висината на надоместот и сите други детали околу тужбата ќе бидат предмет на договор меѓу сите иницијатори.
Како што информираа иницијаторите, на иницијативата сакале да се вклучат и вработени во Собранието на Македонија.
„Ние таму бевме на работно место, и нашето известување мислам дека придонесе да нема и потешки последици, да не речам и убиство“, истакна новинарот Горан Трпеновски, еден од иницијаторите.
Потсетуваме, вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, во хаотична ситуација, демонстрантите организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата.
Како резултат на насилството од демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.