İdiris Okuduci
14 Октомври 2020•Ажурирај: 15 Октомври 2020
ТЕРТЕР (АА) - Ерменската Армија ја нападна медиумската екипа на Државната телевизија на Азербејџан (AZTV), која ги следеше нападите врз цивилите во азербејџанскиот округ Тертер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Елнур Тофиг, дописникот на АЗТВ, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) истакна: „Слушнавме дека граната од топ паднала во училиште во селото Дуверли. Отидовме на местото на настанот и снимавме. Во тоа време се случија нови напади.“
Наведувајќи дека топовски гранати го погодиле училиштето додека се наоѓале внатре и дека таванот се срушил врз нив, Тофиг рече: „Веднаш излеговме од училиштето, но 4-5 гранати од топ паднаа на местото каде што се наоѓаше нашето возило.“
Тофиг, нагласувајќи дека се случила голема експлозија кога трчале накај возилото, додаде: „Видов дека нашиот возач е повреден во главата и во стомакот. Веднаш го ставивме во возилото, но покрај нас имаше уште еден цивил. И тој беше повреден, го зедовме и него и се вративме во центарот на Тертер.“
Истакнувајќи дека нивното возило е оштетено, Тофиг рече дека нападот поминал без загуба на човечки животи.
„Фала му на Господ сè уште сме на нозе. Секој ден во нашата програма известуваме дека се напаѓаат цивили и населени места. Но денеска, ние станавме вест додека подготвувавме вест“, рече новинарот Тофиг.
Тој, исто така, истакна дека како новинар ќе продолжи да ги следи нападите на Ерменија врз цивилите.
Ерменската Армија продолжува со интензивен артилериски оган врз центарот на градот Тертер, кршејќи го примирјето.
Главното обвинителство на Азербејџан соопшти дека 43 азербејџански цивили се убиени, а 206 се повредени поради нападите на Ерменија од 27 септември до 14 октомври.