КИЕВ (АА) - Домашните новинари и нивните многубројни колеги од другите земји во Украина на секој чекор ги ризикуваат своите животи за да известуваат за најновите случувања на теренот во земјата разурната од војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Украинската државна обвинителка, Ирина Венедиктова, на 26 март изјави дека 12 новинари загинале, а 10 биле повредени додека известувале за војната што Русија ја започна на 24 февруари.
„Откривањето на вистината за агресијата на Путин станува сè поризично и опасно“, напиша таа на Твитер.
Русија изврши најмалку 148 злосторства врз новинарите и медиумите во Украина само во првиот месец од војната, според Институтот за масовни информации (IMI), независна, невладина организација која ги поддржува интересите на украинското граѓанско општество и одговорните новинари.
Според извештаите на ИМИ, во нападите на руските сили во главниот град на Украина, Киев, и предградијата, загинале најмалку шест новинари на должност. Исто така, се наведува дека најмалку седум новинари се повредени, а еден исчезнал.
Од ИМИ наведуваат дека се пријавени најмалку шест случаи на новинари кои биле заложници и малтретирани од руските војници.
Се наведува дека руските сили гаѓале најмалку 10 телевизиски кули, што предизвикало целосен или привремен прекин на ТВ и радиоемитувањето во осум региони на Украина.
Покрај тоа, околу 70 регионални медиуми беа принудени да се затворат низ целата земја поради закани, соопшти ИМИ.
Минатиот месец руските војници извршија напад врз тим репортери на „Скај њуз“ во нивниот автомобил. Неколку членови на тимот се здобиле со повреди од куршуми, но преживеале благодарение на нивните панцири.
- Максим Левин
Министерството за одбрана на Украина на 2 април на Твитер објави дека фоторепортерот и документарист Максим Левин бил пронајден мртов во близина на Киев, каде што ги документирал „руските воени злосторства“. Невооружениот Макс, според истражителите, бил убиен од руски војници со „два истрела“.
„Тој ги остави сопругата и четирите деца“, додаваат од Министерството.
„Левин (40), кој исчезна на 13 март додека работеше на фронтот во близина на главниот град, беше пронајден мртов во близина на селото Хута-Межихирска на 1 април“, изјави украинскиот помошник на претседателот, Андриј Јермак.
Антон Герашченко, советник и поранешен заменик-министер во Министерството за внатрешни работи, исто така потврди на Телеграм дека украински новинар исчезнал пред повеќе од две недели додека известувал во областа Вишгород, област на интензивни борби.
Придружуван од Олексиј Чернишов, војник и поранешен фотограф, Левин на 13 март отишол во Хута-Межихирск „да ги документира последиците од руската агресија“, наведува украинскиот медиум LB.ua, за кој Левин работел повеќе од 10 години.
„Тие го оставиле автомобилот и тргнале во правец на селото Мошчун. Оттогаш немаше никаков контакт со нив. Подоцна се дозна дека започнале интензивни борби во областа каде што одел Максим Левин. Локацијата и судбината на Олексеј Чернишов моментално се непознати“, додаде тој.
Левин работеше и со меѓународните медиуми, на кои им ги пласираше повеќето свои документарни филмови за војната во Украина.
- Оксана Баулина
Руската новинарка Оксана Баулина од истражувачката страница „Инсајдер“ беше убиена во руското гранатирање на Киев на 23 март додека беше на задача.
Во соопштението се наведува дека Баулина известувала од Киев и од западниот град Лавов, а била убиена кога руските војници гранатирале станбена населба додека новинарката го снимала разорувањето во областа Подил во Киев.
„Таа загина за време на бомбардирањето додека вршеше уредничка задача“, се додава во соопштението.
„Инсајдер“, со седиште во Летонија, наведува дека уште еден цивил загинал во гранатирањето, додека други двајца што биле со Баулина се ранети и пренесени во болница.
Баулина беше позната по тоа што претходно работела за Антикорупциската фондација на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.
Таа ја напушти Русија откако државните власти ја додадоа фондацијата „Навални“ на листата на екстремисти минатата година.
- Олександра Кувшинова и Пиер Закржевски
Олександра „Саша“ Кувшинова (24), украинска филмска режисерка и новинарка, загина на 14 март заедно со ирскиот новинар Пјер Закржевски (55), снимател на „Фокс њуз“, кога нивниот автомобил бил удрен од руски војници во селото Хоренка на северозападната периферија на Киев.
Во нападот е повреден британскиот дописник Бенџамин Хол (39).
Закржевски, камерман ветеран, ги следеше конфликтите во Ирак, Авганистан и Сирија за „Фокс њуз“.
Кувшинова работеше како консултант за „Фокс њуз“ на терен.
- Бренд Рено
Друг странски новинар што беше убиен додека известуваше за руската војна во Украина беше Брент Рено, наградуван режисер и новинар.
Американскиот новинар (50) е убиен на 13 март во близина на рускиот контролен пункт во градот Ирпин во Киевската Област, соопшти полицијата.
Рено, поранешен соработник на „Њујорк тајмс“, беше застрелан кога тој и неговиот колега отишле да ја снимаат ситуацијата на бегалците кои бегаат од регионот.
Брент во тој регион работеше на проектот „Тајм студиос“ за глобалната бегалска криза.
Шефот на киевската полиција, Андриј Небитов, изјави дека новинарот бил цел на руските војници, додека двајца негови колеги биле ранети и пренесени во болница.
Еден од повредените новинари беше идентификуван како колумбиско-американскиот репортер Хуан Аредондо.
- Виктор Дудар
Новинарот од Лавов, Виктор Дудар (44), беше убиен на 4 март во Миколаев, стратешки пристаништен град на Црното Море во јужна Украина.
Работел како дописник за криминал за „Експрес“, украински неделен весник, сè додека во 2014 година не се пријавил доброволно за војна во источниот регион на Донбас.
Откако станал резервист и се вратил од војната, украинскиот новинар станал дописник на весник од областа на одбраната.
- Евгениј Сакун
Украинскиот снимател Евгениј Сакун (49), кој работел за „LIVE TV“, беше убиен на 1 март за време на руски ракетен напад врз ТВ-кула во областа Бабин Јар во Киев.
Сакун работел со своите колеги кога проектилот удрил во зградата.
Телото на новинарот е идентификувано само по неговата прес-картичка.
Покрај Сакун, уште четири лица загинаа, а пет беа повредени во напад на телевизиската кула во киевскиот кварт Шевченковски.
- Дилербек Шакиров
Шакиров Дилербек Шукуровиќ, новинар во неделникот „Околу тебе“, беше убиен на 26 февруари, два дена по почетокот на војната.
Тој беше убиен од автоматско оружје од автомобил во близина на селото Зеленивка, предградие на јужниот град Херсон.
Меѓународната федерација на новинари на Твитер го осуди убиството на украинскиот новинар.
Војната меѓу Русија и Украина, што започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и го поттикна егзодусот на светските компании од Русија.
Најмалку 1.417 цивили се убиени во Украина, а 2.038 се ранети, според проценките на Обединетите нации, кои наведуваат дека реалната бројка е веројатно многу поголема.
Според податоците на Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,1 милион Украинци побегнале во неколку европски земји, а милиони се раселени во земјата.