СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, во Собранието на Република Македонија имаше годишно обраќање на кое се осврна на најважните прашања со кои се соочува државата, при што истакна дека се надева дека „парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли Преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Иванов рече дека во изминатата година како претседател на Република Македонија со Владата соработувал околу повеќе прашања од споделена надлежност. Истакна дека за време на неговиот втор мандат како претседател на државата, „Република Македонија се соочува и со внатрешни и со надворешни закани и ризици по нејзиниот суверенитет, територијален интегритет, независност."
Иванов додаде дека од почетокот на независноста „Грција го попречува правото на самоопределување, и го одзеде правото на просперитет, а сега, 27 години подоцна, ни го доведува во прашање и правото на постоење“.
„Трагедијата е што тоа го прави благодарение на Спогодбата од Преспа. Донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, оваа спогодба всушност ѝ става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија“, истакна Ивнов и додаде:
„На 30 септември се одржа и референдумот на кој македонските граѓани требаше да се произнесат за Преспанската спогодба. На тој референдум народот се соочи со лажна алтернатива. Избор меѓу просперитет и идентитет, небаре постои такво нешто како просперитет без идентитет“.
Осврнуваќи се на референдумот од 30 септември оваа година, Иванов рече дека овој референдум „можеше да ја доведе Република Македонија во состојба на потчинетост и зависност спрема друга држава“.
„На 30 септември, со негласање, тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име, ниту право да тргува со идентитетот“, рече претседателот на Македонија.
Тој додаде и дека кога во 2017 година го потпишал Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија укажал на една, како што рече, многу важна работа.
„Договорот зборува за заедничка историја на двете држави и нивните народи. Таа заедничка историја се однесува на периодот од признавањето на Република Македонија од страна на Република Бугарија, односно, од 1992 година. Тоа е вистинската историска рамка на Договорот којшто не е насочен кон минатото, туку кон иднината. Наместо тоа, се дозволи слободно толкување на Договорот поради што Република Македонија е втурната во лавиринт од кој тешко се излегува. Сега Софија најавува анекс на Договорот“, рече Иванов, истакнувајќи дека освен Спогодбата од Преспа и слободното толкување на Договорот со Бугарија, „третиот голем предизвик за македонската држава е Тиранската платформа".
„Независно што некои го одрекуваат постоењето на Тиранската платформа, сепак, делата гласно зборуваат за целите и намерите. Законот за употреба на јазиците, на начинот на којшто е напишан, но и изгласан, ќе предизвика целосна блокада на работата на институциите. Речиси нема член во тој закон во кој не е прекршен Уставот на Република Македонија. Законот е усвоен во Собранието вон секоја процедура и надвор од надлежните тела. Надминат е предвидениот законски рок, злоупотребено е европското знаменце, а не е консултирана ниту Венецијанската комисија. Законот го вратив без да го потпишам и тоа со низа забелешки. Парламентарното мнозинство ги игнорираше моите забелешки, но и ставовите на стручната јавност и опозицијата“, рече Иванов.
Претседателот порача дека како претседател, но пред сè како човек, го почитува албанскиот народ, како што ги почитува и турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот, бошњачкиот народ.
„Не треба да се заборави дека Република Македонија е заеднички дом на сите граѓани. Секоја заедница може да го користи својот јазик во сите сфери и на сите нивоа во согласност со Уставот. Но, ваквото единство на различноста е возможно благодарение на македонскиот јазик што ја има незаменливата улога на официјален јазик на државата, основен комуникациски код и кохезивен фактор што ги поврзува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општеството. Македонскиот јазик е „lingua franca“ благодарение на кој меѓу себе се разбираат припадниците на различните заедници. Тоа е дел од нашиот општествен договор. Нашата сила е во нашата различност, а нашата различност е гарантирана со нашето единство. Израз на тоа единство е македонскиот јазик“, рече Иванов порачувајќи: „Доколку противуставниот Закон за употреба на јазиците стапи на сила, тогаш македонскиот веќе нема да биде „lingua franca“ што ќе го обединува македонското општество.“
Цитирајќи го поранешниот македонски претседател Киро Глигоров, Иванов рече дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој устав, од секоја влада, од секоја партија, дури и од државата, и додаде и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со името на државата и со идентитетот.
„И денес, од оваа говорница, сè уште се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли Преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот. Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам“, порача претседателот Ѓорѓе Иванов во своето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.
news_share_descriptionsubscription_contact
