Andelija Stojanovic
14 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
БЕЛГРАД (АА) - Министерствата за внатрешни работи на Србија, Македонија и на Црна Гора, денеска во Белград го претставија документот „Регионална процена на заканите од сериозен и организиран криминал“, кој има за цел преку заедничка соработка да се создаде стабилна и безбедна средина во регионот. Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, рече дека оваа процена ќе биде од голема корист затоа што може да се види движењето на организираниот криминал во регионот и да се делува превентивно, јавува Anadolu Agency (АА).
„Да создадеме средина што ќе им гарантира на инвеститорите развој на бизнисот во нашиот регион, бидејќи нема економски напредок во земјите во кои лесно се развива корупција и криминал", рече Стефановиќ на отворањето на министерската конференција.
Тој за новинарите по конференцијата изјави дека најголем дел од парите за организиран криминал доаѓаат од нелегалната трговија со дрога, како и дека Србија работи на конфискацијата на имот стекнат од кривични дела.
Македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека со овој документ ќе се продлабочи пријателството и соработката меѓу трите земји, додавајќи дека регионот не е имун на организираниот криминал и дека државата мора да ги заштити граѓаните и да ги почитува своите закони, со цел да се спречи таквото однесување.
„Човечкиот живот, здравјето и имотот мора да бидат заштитени. Никој не може да ги загрози и да тргува со нив“, рече Спасовски, додавајќи дека Србија, Црна Гора и Македонија треба да бидат пример за другите земји во регионот, а со тоа Балканот би станал мирно место за живеење.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Горан Даниловиќ истакна дека недостасува соработка во областа на регионалното следење на организираниот криминал и дека таа ќе биде комплетна кога ќе се придружат и другите земји од Западен Балкан.
„Ги согледувам сите други опасности и мислам дека имаме од што да се плашиме и против кого да се бориме, но приказната за организираниот криминал во областа на Југоисточна Европа, во овие три земји мора да биде приказна број еден“, рече Даниловиќ.
Тој рече дека земјите во регионот треба да бидат еден чекор понапред од организираниот криминал, кој не познава државни граници, и дека организираниот криминал не може да постои без поддршка однатре.