Zlatan Kapiç
28 Декември 2015•Ажурирај: 28 Декември 2015
БЕЛГГРАД (АА)- Турскиот премиер Ахмет Давутоглу допатува денес во дводневна официјална посета на Република Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Давутоглу околу пладне со авионот на Владата на Република Турција слета на белградскиот аеродром "Никола Тесла" каде го дочекаа српскиот премиер и шефот на дипломатијата, Александар Вучиќ и Ивица Дачиќ. Во придружба на турскиот премиер денеска во Белград ќе престојуваат и бројни бизнисмени на Српско-турскиот бизнис форум.
Во делегацијата на Владата на Турција се наоѓаат и заменик-премиерот Јалчин Акдоган, министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за комуникации, поморство и сообраќај Бинали Јилдирим, министерот за економија Мустафа Елитас и министерот за здравство Мехмет Муезиноглу.
Премиерот на Турција во Србија престојува на покана на српскиот премиер Александар Вучиќ со кој по состанокот во Палатата Србија ќе потпишат и неколку меѓудржавни договори во областа на образованието, здравството и обнова на објектите од културно-историско значење.
Давутоглу и Вучиќ, помеѓу останатото ќе разговараат за сите важни билатерални, регионални и глобални прашања.
Под покровителство на Халкбанк А.Д. Белград и во соработка со Стопанската комора на Србија денеска во Белград ќе биде одржан и Српско-турски бизнис форум, а на него ќе учествуват претседателот на Владата на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, претседател на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, копретседател на Турско-српскиот деловен совет ДЕИК, Александар Меџедовиќ и претседателот на ДЕИК, Омер Џихад Вардан.
На форумот ќе бидат претставени потенцијалите, механизмите и проектите за инвестиции на турските компании во Србија, која на крај на оваа и во текот на наредната година очекува надворешнотрговска размена со Турција во износ од милијарда евра.
Давутоглу денеска ќе присуствува и на свеченото отворање на канцеларијата на Турскиот културен центар "Јунуз Емре" во Белград и ќе ја посети тврдината Калемегдан.
Турскиот премиер во вторник ќе го посети Нови пазар со што ќе ја заврши посетата на Србија.