Ekip,Merve Yıldızalp
29 Ноември 2015•Ажурирај: 29 Ноември 2015
АНКАРА (АА) – Турскиот премиер, Ахмет Давутоглу, соопшти дека телото на рускиот пилот кој го изгуби животот при повредата на турскиот воздушен простор и соборувањето на неговиот авион SU-24, доцна синоќа од Сирија е предадено на турската страна и дека, според барањето, ќе ѝ биде предадено на Русија, јавува Anadolu Agency (АА).
Премиерот на Турција, Давутоглу, непосредно пред полетувањето на службен пат во Брисел, во Анкара кажа дека турската страна синоќа во 1:45 часот по локално време во Хатај, го презеде безживотното тело на рускиот пилот и дека по тој повод верски службеник од православнта црква ги изврши верските обреди, а телото на пилотот, според барањето, ќе ѝ биде предадено на Русија.
Осврнувајќи се на неодамнешниот инцидент на повреда на турскиот воздушен простор и соборувањето на рускиот авион, Давутоглу рече дека настојувањето вината да се префрли на Турција е неодговорно, од аспект на меѓународното право е неосновано, но и неисправно од аспект на пријателските и добрососедски врски помеѓу Турција и Русија.
„Доколку се бара виновник, тогаш страната која и порано во низа наврати го кршеше турскиот воздушен простор треба да ги преиспита своите постапки. Последните изјави кои доаѓаат од Русија не се прифталиви од аспект на добрососедските односи“, порача Давутоглу.
Истакнувајќи дека турските сили за безбедност во согласност со легалните и легитимни прописи постапиле по наредба, Давутоглу кажа дека тоа не било наредба против некоја земја и дека сите мора да сфатат дека Турција нема да дозволи во тој зажарен регион да се кршат нејзиниот воздушен простор и граници.
Давутоглу се осврна на вчерашниот случај на убиството на шефот на адвокатската комора во Дијарбакир, Тахир Елчи, и кажа дека истрагата е во тек и дека синоќа е утврдено дека пиштолот кој е пронајден покрај телото на убиениот Елчи претходно бил во рацете на терористот кој претходно убил и еден турски полицаец.
„Да не се копаа ровови и да не започнеа терористички активности во историските подрачја Сур и Дијарбакир, немаше да ги изгубиме овие луѓе а мештаните би живееле безбедно и мирно. Главниот и одговорен за овој случај е сепаристичката терористичка организација и Турција ќе ја продолжи решителната борба против таа организација“, кажа Давутоглу.
Во вчерашниот терористички напад во местото Сур, предградие на Дијарбакир, убиен е шефот на тамошната адвокатска комора, Тахир Елчи и двајца полицајци. Меѓу неколкумината ранети лица беше и новинарот на АА, Азиз Аслан.
Давутоглу отпатува во Брисел за да присуствува на Самитот на лидери на Турција и Европската унија и се состана со челникот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и шефот на Европскиот совет, Доналд Туск.