Mücahit Aydemir,Sarp Özer
18 Август 2020•Ажурирај: 19 Август 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, во текот на посетата на Либија изјави дека Турција ќе продолжи да вложува напори за да се осигура интегритетот, безбедноста и мирот за луѓето во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар вчера во придружба на началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Туција, Јашар Ѓулер, допатува во Либија за да се сретне со тамошните официјални лица, вклучувајќи го и премиерот Фајез ал-Сараџ и министерот за внатрешни работи Фетхи Башага.
„Овде пристигнавме на покана на либиската Влада за национално единство, која е поддржана од Обединетите нации (ОН). Ние сме покрај нив и ќе продолжиме да ги поддржуваме. Турција и во наредниот период, во согласност со упатствата на нашиот претседател, ќе продолжи да биде заедно со либиските браќа, со кои делиме петстотини години минато и заедничка култура“, изјави Акар за новинарите.
Истакна дека Турција во рамките на Меморандумот за разбирање за безбедност и воена соработка, на таа земја и пружа поддршка во обука и други видови на помош.
„Исто така, овде ги продолжуваме и нашите хуманитарни активности. Ги пружаме сите видови на поддршка за работата на болниците. Нашите специјализирани тимови работат на отстранување на мините и минско-експлозивните средства. Ги вложуваме сите можни напори за да спречиме каква било штета врз цивилите“, рече Акар.
Укажувајќи на злосторствата извршени од Калифа Хафтар во источна Либија, истакна дека Турција вложува напори за да му овозможи на либискиот народ конечно да живее во мир и безбедност.
„Вложуваме огромни напори за примирјето да го направиме трајно. Сите, пак, знаат што прави другата страна. Сите треба да знаат што се случи во Тархуна и што претставуваат масовните гробови кои се наоѓаат таму. Мора добро да се знае кој кого го поддржува. Денес е веќе јасно кој ја поддржува Владата на национално единство. Се надеваме дека на овие простори што поскоро ќе завладее мирот и безбедноста“, рече Акар.
Според податоците на ОН, во Либија се откриени најмалку осум масовни гробници, повеќето од нив во Тархуна. Либискиот министер Башага претходно изјави дека милитантите на Хафтар палеле некои од заробениците и дека десетици од нив биле закопувани живи во масовни гробници.
Осврнувајќи се на настаните во Источниот Медитеран, турскиот министер истакна дека поморскиот договор меѓу Грција и Египет за ексклузивни економски зони (ЕЕЗ) нема никаква основа, ниту легитимитет.
„Овој договор не само што е неважечки, туку е и чин кој му нанесува штета на народот на Египет, но и на грчкиот народ, што увидоа и некои грчки политичари. Затоа, сите ги повикуваме на здрав разум. Очекуваме сите да сфатат дека ништо не може да се постигне со размислувања дека ова е свршен чин, како и со искривување на фактите и случувањата. Нашите активности на тоа подрачје продолжуваат“, додаде Акар.
Нагласи дека Турција во Источниот Медитеран продолжува со напорите за заштита на правата, законите и интересите на Турција и Турската Република Северен Кипар.
„Нашите активности се исклучително јасни и транспарентни. Ги почитуваме правата и законите на нашите соседи и секогаш сме за добрососедски односи. Ние токму на овој начин ќе се обидеме во наредниот период да ја завршиме работата што ја започнавме', рече турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.