Senada Ibraimova
14 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје, во рамките на „Европскиот ден на претприемачот и Европската недела на мали и средни претпријатија“, а во организација на Европската бизнис асоцијација (ЕБА), се одржа панел-дискусија на темата „Женско лидерство, личен развој и етика“, јавува Anadolu Agency (AA).
Македонија веќе десет години е вклучена во проектот на ЕУ – „Европска недела на мали и средни претпријатија“, а идејата на овој проект е на европско ниво да се даде поттик на претприемништвото како начин за прогрес на една локална економија.
Според Димитар Ристовски, извршен директор на ЕБА, особено е битно тоа што и Македонија е дел од овој проект, бидејќи како што рече тој, единствениот излез од невработеноста е претприемништвото.

„Сметаме дека единствен излез за надминување на овие тешкотии во поглед на вработувањето, невработеноста, развојот на македонската економија, е агресивно насочување кон претприемништвото и поттикнување на сите оние млади луѓе, студенти, невработени, веќе основани мали и средни претпријатија, да се насочат кон претприемништвото и кон основање на свој сопствен бизнис“, истакна Ристовски во својата изјава за медиумите.
Една од панелистките на настанот и претседателка на Здружението на жени менаџери – Елит, Ленка Угриновска, во својата изјава ја истакна потребата на поголема застапеност на жените во управните и во надзорните органи на компаниите, односно искористување на женскиот потенцијал.
„Фактот дека 50 проценти од популацијата во Македонија се жени и дека 43,1 процент според најновите статистички податоци се на пазарот на трудот, говори дека македонската жена е неискористен потенцијал“, рече Угриновска. Таа го истакна непрактицирањето на законската регулатива, односно нагласи дека според Законот за еднакви можности и Законот за работни односи, мажите и жените се рамноправни, но како што рече таа, за жал, во практиката не е така.

Угриновска понатаму ги посочи активностите за постигнување ефект за женското претприемништво, кои нејзиното здружение ги презема, и рече дека ќе отпочнат со органски напредок, односно со декларативна поддршка и потпишување на кодекси од страна на фирмите. Сепак, според неа, резултати ќе се постигнат само со системски промени.
„Ќе посетуваме компании за да го промовираме женското лидерство во нив, да прифатат повеќе жени во управните органи, меѓутоа верувам дека, за жал, приматот на мажите во одлучувачките функции единствено можеме да го преземеме ако воведеме системски мерки“, рече таа.
На панел-дискусијата којашто се води под мотото „Биди смирен и стани претприемач“, свое излагање ќе имаат жени претприемачи во фирми, експертки за родова еднаквост, правнички и други претставнички.
„Европскиот ден на претприемачот“ и „ Европската недела на мали и средни претпријатија“ се организира со цел да се промовира претприемништвото и малите и средните претпријатија како главни двигатели на економскиот раст и развој.