Abdula Berisha
20 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - По повод Светскиот ден на децата и 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, ги прими децата во објектот на Владата каде што се одржа и настанот „За децата, од децата“, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во владината просторија, во која се дочекуваат високи странски делегации, денеска децата седнаа покрај премиерот Заев и другите министри, додека на состанокот беа присутни и претставници од Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Европската Унија (ЕУ).
Во својот поздравен говор премиерот Заев рече дека средбата е организирана со цел да се слушнат предлозите и идеите на децата за работи што нив ги интересираат.
„Јас сум тука, тука се и повеќето министри во Владата од нашата земја што креираат политики за децата и подготвени сме да ве слушнеме вас, децата, да ви одговориме на прашањата и да го запишеме тоа што ќе го предложете вие, како теми што вас ве засегаат и во моментот ве преокупираат. Така ќе ни помогнете нам како извршна власт да бидеме насочени кон најважните прашања од ваш интерес“, рече Заев.
Претставничката на УНИЦЕФ во Скопје, Патриција ди Џoвани, рече дека и 30 години по усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, важноста на почитувањето на правата на децата не е променета, но истакна дека во овој период значајно е сменето детството.
„Мислам дека, гледајќи кон иднината, и по 30 години правата не се променети, и тие остануваат многу релевантни и важни. Сепак, мислам дека детството се смени во текот на 30 години. Има многу различни предизвици и успеси со кои се соочуваат младите денес“, рече Ди Џовани.
Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар и министрите од земјата, исто така одржаа поздравни говори, по што следуваше дискусија на која младите зборуваа за прашањата од секторите образование, економија, екологија, миграцијата на младите и на други теми.
Освен овој настан, во Скопје беше организирана уште една манифестација посветена на Светскиот ден на детето, под покровителство на Народниот правобранител, институција која ја предводи Иџет Мемети.
„Настанот што се одвива овде во Домот на АРМ им е посветен ним [на децата], ние повозрасните нив да ги слушаме, бидејќи тие имаат права и нивните проблеми треба тие да ги искажуваат, сѐ со цел на крај како сублимат да се потсетиме како децата ги препознаваат нивните права, како децата творат, како децата сметаат, дали ние што носиме одлуки, одлучуваме за нивните права, ги штитиме нивните права, дали работиме во нивен интерес“, рече Мемети.
На настанот присуствуваа и претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, како и претставници на извршната власт.
Организирани за настанот, деца од градинки, основни и средни училишта настапија со претстави, со песни и игри, како и со цртежи и други творби.