Министерството за здравство на Република Северна Македонија соопшти дека се регистрирани 180 нови случаи на коронавирус (Ковид-19), со што вкупната бројка на случаи со овој вирус во земјата се искачи на 2.790, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изминатите 24 часа регистирани се два смртни случаи од Ковид-19, со што вкупната бројка на смртни случаи од овој вирус во земјата се искачи на 149.
Според соопштението на Министерството за здравство денеска Институтот за јавно здравје регистрира 11 оздравени пациенти од Ковид-19. Со ова, бројката на оздравени пациенти изнесува 1.632, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.009.
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.272 тестирања на Ковид-19, додека досега во земјата се направени вкупно 34.386 тестирања на овој вирус.
Поради зголемениот број на новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјата, Владата на Северна Македонија согласно препораките на Комисијата за заразни болести на 3 јуни донесе одлука за враќање на полицискиот час.
Забраната за движење стапи во сила од вчера (4 јуни) од 21:00 часот, до понеделник (8 јуни) до 5:00 часот наутро, во Скопје – сите скопски општини, потоа во општините Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.
Во сите други градови, полицискиот час ќе трае од 4 јуни од 21:00 часот, до 5 јуни до 5:00 часот наутро. В петок, сабота и недела полицискиот час ќе почнува од 16:00 часот и ќе трае до следниот ден до 5:00 часот наутро.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 30 мај, објави дека донесе одлука за нова вонредна состојба за уште 14 дена. Вонредната состојба во во земјата беше воведена на 18 март во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот.