Husamedin Gina
28 Јули 2021•Ажурирај: 29 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Горан Милевски, истакна дека вкупната вредност на проектите за прекуграничната соработка со Бугарија и Косово изнесува 3,6 милиони евра обезбедени од ИПА - Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за локална самоуправа на Северна Македонија, Горан Милевски, денеска, заедно со градоначалници и претставници на јавните претпријатија од различни општини низ земјата потпиша 12 договори за национално кофинансирање на проекти доделени преку ИПА - Прекугранична програма меѓу Косово и Северна Македонија и Интерег - ИПА -Прекугранична програма меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Министерот Милевски, истакнувајќи дека вкупната вредност на проектите е 3,6 милиони евра, рече дека средствата се обезбедени од ИПА - Програмата за прекугранична соработка со Косово и со Бугарија.
„Осум проекти ќе бидат финансирани од Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, а 4 проекти ќе бидат финансирани од Програмата за прекугранична соработка со Косово. Вкупната вредност на проектите со Бугарија е 2,7 милиони евра, а со Косово е 900.000 евра“, рече министерот Милевски.
На овој начин, како што нагласи Милевски, Министерството за локална самоуправа ги стимулира потенцијалните апликанти похрабро да влегуваат во партнерствата за прекугранична соработка и да подготвуваат проекти кои им се важни на државата и на граѓаните во пограничните региони.
Потсетувајќи дека националното кофинансирање е задолжителен услов за користење на средствата од програмата, министерот рече дека Министерството за локална самоуправа од својот буџет ќе обезбеди 337.000 евра за да ги покрие 15-те отсто од кофинансирањето.