Балкан

Косово ја одбележува 12. годишнината од независноста

Новата Влада на Косово се соочува со многу предизвици, а еден од најголемите е понатамошната изградба на државноста на Косово, јакнење на Косово на внатрешен и меѓународен план и дијалог со Србија за да се постигне конечен договор меѓу двете земји

Zylfıje Adem Jakupı  | 16.02.2020 - Обновена : 17.02.2020
Косово ја одбележува 12. годишнината од независноста

ПРИШТИНА (АА) - Зулфије Адем Јакупи

Косово ја одбележува 12. годишнина од својата независност, по едностраното прогласување на независност од Србија на 17 февруари 2008 година, пишува Агенција Анадолија (АА).

Својата 12-годишнина од независноста ја слави со нова Влада, предводена од Албин Курти, и со зголемен американски притисок да се укинат таксите за увоз на стока, за да се создадат услови за континуиран дијалог со Србија.

Дијалогот на Косово и Србија би требало да се заврши со мировен договор, но никој не може да предвиди кога би можело тоа да се случи. Без договор со Србија, Косово тешко може да стане членка на Обединетите нации (ОН), како и на останатите важни меѓународни организации, како ИНТЕРПОЛ и УНЕСКО.

Поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, кој таксите ги воведе во ноември 2018 година откако Србија спречи зачленување на Косово во најголемата светска безбедносна организација ИНТЕРПОЛ, тврди дека целта на таксите била всушност спречување на обидот на претседателот на Косово, Хашим Тачи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да го поделат територијално Косово.

Поделбата на Косово никогаш официјално не беше на преговарачка маса, но на таа тема се изјаснија сите релевантни меѓународни фактори. И додека Соединетите Американски Држави (САД) рекоа дека ќе го поддржат секој договор со кој ќе се согласат двете страни, Германија беше изрично против каква било поделба на Косово.

За да дојде до договор, страните прво мора да седнат на маса. За продолжување на дијалогот, Белград бара Косово да ги укине таксите, додека Приштина бара Србија да престане со лобирањето за повлекување на признавањето на независноста на Косово.

Новиот премиер Курти избран две недели пред прославата на Денот на независноста, најави дека таксите од 100 отсто ќе ги укине и ќе воведе реципроцитет со Србија, но сѐ уште не е разјаснето што сѐ би опфаќал реципроцитетот.

Новата претседателка на Собранието на Косово, Вјоса Османи, истакнува дека реципроцитетот не е ништо друго освен имплементација на над 30 договори постигнати во дијалогот на Косово и Србија, кој со посредство на Европската Унија (ЕУ) започна уште во 2011 година, со цел нормализација на односите на двете земји.

Во Косово како конечен договор се гледа обостраното признавање на Косово и Србија, додека во Србија и понатаму тврдат дека никогаш нема да ја признаат независноста на Косово.

Приоритет и на Косово и на Србија е зачленување во Европската Унија, а до тоа не може да се дојде без постигнување конечен мировен договор меѓу двете земји. Тоа за многу европски лидери значи дека Србија мора да го признае Косово пред да се зачлени во ЕУ.

Косово во процесот на европските интеграции многу заостанува зад Србија, но поради специфичниот статус многу подоцна и го започна својот европски пат. Моментално Косово има потпишано Договор за стабилизација и придружување со ЕУ, но е единствена земја на Балканот чии граѓани не можат да патуваат во Европа без виза.

Од 28 земји членки на ЕУ, 5 од нив сѐ уште не го признаа Косово. Тоа се Шпанија, Романија, Словачка, Кипар и Грција.

- Повлекување на признавањето поради лобирање на Србија - 

На сајтот на Министерството за надворешни работи на Косово пишува дека Косово во изминатите 12 години од своето постоење го признале 116 држави на светот, меѓу кои се и најголемите светски сили како САД, Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Турција, Јапонија, Канада, Австралија, како и соседните земји Албанија, Северна Македонија и Црна Гора. Од земјите на Западен Балкан, покрај Србија, Косово уште единствено не го призна Босна и Херцеговина.

Од друга страна, Косово не го признаа постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, Русија и Кина, кои имаат право на вето, односно можат да го спречат приемот на Косово во Обединетите нации (ОН).

Според листата на признавање објавена на веб-сајтот на МНР на Косово, Барбадос е последна земја која го призна Косово и тоа пред две години.

Меѓутоа, бројката од 116 признанија денес е доведена во прашање, поради повлекувањето на признавањето од страна на некои помали земји, кои се случија како резултат на интензивното лобирање на официјален Белград.

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, тврди дека 14 земји го повлекле признанието, и тоа се Гана, Бурунди, Лесото, Сао Тома и Принсипе, Суринам, Либерија, Папуа Нова Гвинеја, Комонвелт Доминика, Гренада, Гвинеја Бисао, Унија Комора, Соломонски Острови, Мадагаскар и Палау. Приштина, меѓутоа, тоа не го потврди.

- Големи успеси на косовските спортисти - 

Сепак, Косово за претходните 12 години е зачленето во многу меѓународни и регионални организации и иницијативи, како Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европските банки за обнова и развој и многу други.

И покрај големиот труд на Србија да го спречи приемот на Косово, Косово е зачленето во речиси сите светски и европски спортски организации, како што се Меѓународниот олимписки комитет, ФИФА, УЕФА, ФИБА и други, а косовските спортисти веќе постигнаа завидни резултати и со тоа станаа најдобри амбасадори на својата држава во светот.

Косовската џудистка Мајлинда Келменди во август 2016 година освои злато во категорија до 52 килограми во Рио де Жанеиро и така го донесе првиот олимписки медал во историјата на Косово.

Косовската фудбалска репрезентација, која се натпреварува во квалификациите за Европското првенство 2020 година, по оцената на најголемите експерти, беше најголемо откритие минатата година. Не успеа да се пласира директно од својата група на финалниот натпревар, но својата шанса ќе ја побара во баражот, кој ќе се одржи наредниот месец.

Името на Косово низ светот го понесоа и големите музички ѕвезди Рита Ора и Дуа Липа, кои се со потекло од Косово.

- Специјалниот суд, еден од предизвиците на Косово - 

Економскиот развој, борбата против корупцијата и организираниот криминал, унапредувањето на здравството и образованието и спречувањето на одлив на младите луѓе од земјата се некои од главните предизвици со кои се соочува Косово.

Не помалку предизвикувачка е работата на Специјалниот суд за Косово, кој беше формиран за да се истражат наводите од Извештајот на Советот на Европа од 2011 година, кои опфаќаат тешки кршења на меѓународните права за време и веднаш по војната во Косово, кои ги споменува во својот извештај швајцарскиот сенатор Дик Марти.

Во текот на изминатата година (2019) и во почетокот на оваа година (2020 година) речиси 300 припадници на поранешната Ослободителна војска на Косово (ОВК) беа повикани на разговор од страна на Хашкото специјално обвинителството, а меѓу нив се и високи команданти на ОВК, Кадри Весели, актуелниот претседател на Демократската партија на Косово и Рамуш Харадинај, претседател на Алијансата за иднината на Косово.

Токму повикот за разговор, кој Рамуш Харадинај го доби од Хаг за поднесување оставка на функцијата премиер на Косово, го поттикна Косово на 6 октомври минатата година да одржи предвремени парламентарни избори.

Овие избори доведоа до промена на Владата на Косово, бидејќи победија опозициските партии Движењето Самоопределување на Албин Курти и Демократската алијанса на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа. По тримесечни преговори, двете партии успеаја да постигнат договор за коалиција, а на 3 февруари 2020 година Косово доби нова Влада, предводена од премиерот Албин Курти, додека за претседателка на косовското Собрание е избрана Вјоса Османи, потпретседателката на ЛДК.

- Хронологија на независноста на Косово - 

Косово од јуни 1999 година беше под протекторатот на УНМИК, Мировната мисија на ОН, откако НАТО ја бомбардираше Србија поради континуирана дискриминација, кршење на човековите права и потоа етничко чистење на Албанците од страна на режимот на Слободан Милошевиќ.

Во координација со меѓународните партнери, САД и водечките земји на ЕУ, Косово на 17 февруари 2008 година прогласи независност врз основа на Сеопфатниот план на Ахтисари.

На барање на Србија, на 22 јули 2010 година, Меѓународниот суд за правда во Хаг го соопшти своето мислење дека прогласувањето на независноста на Косово не е во спротивност со меѓународното право. Мислењето на Меѓународниот суд за правда доведе до усвојување на Резолуцијата во Обединетите нации (септември 2010), со која Приштина и Белград се повикуваат на дијалог со посредство на Европската Унија.

Дијалогот започна во 2011 година, а главниот договор за Брисел беше постигнат на 19 април 2013 година. Договорот дозволи укинување на српските паралелни институции во северно Косово и одржување на локални избори според косовскиот систем во четири општини на северниот дел на Косово со мнозинство српско население.

Бриселските договори, меѓу другото, доведоа до интеграција на правосудниот систем на целата територија на Косово, интегрирана контрола на граничните премини и признавање на косовските документи од страна на Белград, така што Косоварите можат да патуваат во Србија и преку Србија во третите земји.

Сепак, многу од постигнатите договори беа делумно или воопшто не беа применети во пракса, како што се енергетските договори и отворањето на главниот мост на реката Ибар што го дели градот Митровица на јужен, албански и северен дел со српско мнозинство.

Исто така, не беше спроведен ни договор за формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово (ЗСО), за кој во декември 2015 година Уставниот суд на Косово одлучи дека не е во потполност во согласност со Уставот на Косово.

Договорот за формирање на ЗСО остро се спротивстави на тогашното опозициско Движење Самоопределување, кое повеќепати користеше солзавец во собраниската сала за да го спречи.

Новата Влада на Косово, предводена од Самоопределување и која за првпат од војната не е составена од партии кои доаѓаат од таканареченото „воено крило“, се соочува со многу предизвици, а еден од најголемите е понатамошната изградба на државноста на Косово, јакнење на Косово на внатрешен и меѓународен план, и секако дијалог со Србија за да се постигне конечен договор меѓу двете земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.