ПРИШТИНА (АА) - Насилството врз жените за време на воени конфликти е главна тема на второто издание на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност, што беше отворен денеска во Приштина, јавува Анадолу.
На овогодинешниот форум, под покровителство на претседателката на Косово, Вјоса Османи, се собраа околу илјада учесници од повеќе од 40 земји, меѓу кои и претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, и премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери.
Османи на отворањето изјави дека за жените, борбата за правда е животна мисија. Таа нагласи дека главна тема на форумот е насилството врз жените за време на воени конфликти.
„Жените зафатени во средината на конфликтот трпат незамисливи тешкотии, ги губат своите домови, ги губат своите сакани, ги губат животите. Сепак, сред хаосот, постои дух кој останува нескротлив. Неуморно се борат за опстанок, се борат да ги заштитат другите, нивните семејства, се борат за своите држави и што е најважно, се борат за слобода“, нагласи косовската претседателка.

Премиерот на Северна Македонија, Џафери, рече дека неговата земја како активна членка на НАТО го поддржува спроведувањето на политиката за жени, мир и безбедност.
Џафери посочи дека е неспорно родовите прашања во Северна Македонија во голема мера да добијат простор и да станат приоритет преку реформите што Владата почна да ги спроведува во 2017 година и пред полноправното членство во НАТО.
„Мирот се смета за континуиран процес за кој мора да се работи, а не за цел што мора да се постигне. И јас се согласувам со оваа теорија и со неа ја поистоветувам родовата еднаквост во безбедноста“, потенцира Џафери.
Како успех во овој поглед тој го наведе учеството на жените на клучни позиции во институциите во Северна Македонија.
Пирц Мусар рече дека го поздравува формирањето на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност на Косово и додаде дека сексуалното насилство мора да биде осудено.

Словенечката претседателка изрази загриженост за состојбата на жените низ светот, кои станале бегалци поради воените конфликти. Таа особено се осврна на воените кризи во Украина и во Појасот Газа, посочувајќи дека жените во Газа изгубиле речиси сè, мир, безбедност, засолниште, храна, вода, а илјадници од нив ги загубиле и своите животи.
Мусар изјави дека нејзината земја има феминистичка надворешна политика и дека во Советот за безбедност на Обединетите нации ги набљудува сите проблеми од перспектива на родовата еднаквост. Таа посочи дека е неопходно да се подигне свеста за сѐ што е поврзано со сексуалното насилство во конфликтот.
„Во Сребреница, во Босна и Херцеговина и денес во Украина и Газа, далеку сум од тоа да бидам убедена дека ваквата тактика ќе исчезне. Мораме да бидеме посветени и никогаш да не губиме надеж и да бидеме одлучни во случајот со дела против жени, а мажите треба да ни помогнат во овој потфат“, рече претседателката на Словенија.
Мусар истакна дека сѐ уште има многу малку жени на високи политички позиции и рече дека Словенија и Косово се меѓу ретките земји каде претседатели се жени.
Претседателот на Албанија, Бегај, истакна дека Западен Балкан бил сведок на крвави конфликти кои оставиле неизбришливи траги и засекогаш ќе останат во историското сеќавање. Тој нагласи дека жените се меѓу оние кои го носат најголемиот товар од овие конфликти.

„Жените беа цел на насилство и тортура, како и предмет на етничко чистење. Овие конфликти служат како болни потсетници за цената што ја плативме толку скапо, особено жените. Денеска се собравме во Косово за да ја повториме нашата посветеност на соработка, напредок и одржлив развој, кои се важни за промовирање на мирот и безбедноста на Западен Балкан“, рече Бегај.
Тој додаде дека жените имаат посредничка улога во мирот и солидарноста и дека денес на различни начини се вклучени во политичкиот живот, бизнисот и граѓанското општество.
Второто издание на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност, кое ќе трае два дена, обединува лидери, експерти, академици, претставници на граѓанското општество, инфлуенсери, млади и други интересни групи од Западен Балкан и пошироко, со цел да се дискутира за актуелните глобални предизвици, со акцент на решавање на проблемот со сексуалното насилство врз жените во врска со конфликтите.
Овој форум претставува една од обврските на косовските институции од Самитот за демократија, кој го организира претседателот на Соединетите Американски Држави, и служи за размена на најдобри практики, како и за развој на стратегии и креирање на нови рамки за акции насочени кон безбедноста и мирот во Европа и пошироко.