Балкан

„Со укинување на таксите се дава шанса на дијалогот помеѓу Косово и Србија“

„Размислуваме за укинување на таксите за да го исполниме директното барање на меѓународната заедница и за да ѝ дадеме можност на меѓународната заедница да посредува во дијалогот меѓу Косово и Србија. Од друга страна, се изјаснивме за реципроцитет...“

Zylfije Adem Jakupi  | 18.02.2020 - Обновена : 19.02.2020
„Со укинување на таксите се дава шанса на дијалогот помеѓу Косово и Србија“ Фото: Erkin Keçi/АА

ПРИШТИНА (АА) - Воведувањето реципроцитет наместо такси ќе биде постепено со цел да се пружи шанса на дијалогот, беше кажано денеска на тркалезната маса на темата „Дијалогот помеѓу Косово и Србија: што по формирањето на новата Влада и американското вклучување?“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Дебатата ја организираше Косовскиот демократски институт (KDI), а учесници беа пратениците на парламентарните политички партии. Артан Абраши, пратеник на владејачкото Движење „Самоопределување“, рече дека дијалогот со Србија има многу предизвици и дека новата Влада мора да му пристапи на дијалогот со многу поголема сериозност во однос на државните и националните интереси. Абраши го повтори ставот на премиерот Албин Курти кажан во Минхен дека сега е важен момент да се воспостават некои начела, како што е начелото дека не може да има договор без дијалог.

„Секако дека ние веруваме во договорот, тоа е и целта, но не без дијалог и разгледување на сите околности, секоја ситуација, со најголема сериозност и подготовка. Тоа е многу важно. Не верувам дека комплицираните проблеми можат да се решат лесно и моментално или забрзано, бидејќи тоа може уште повеќе да го искомплицира целиот процес. Страните првин треба да седнат на маса и да дискутираат за точките една по друга, а тоа што е до нас е да не се преговара за интересите на Косово“, рече Абраши.

Тој нагласи дека е многу добро што се вклучила Америка и што меѓународното внимание се враќа на Косово, но рече дека дијалогот не треба да има карти кои го доведуваат во прашање територијалниот интегритет и суверенитет на Косово. Тој, исто така, рече дека е многу битен и внатрешниот консензус за Косово да биде претставено поконсолидирано во дијалогот со Србија. Абраши додаде дека таксите од 100 отсто на увозот на стоки од Србија ќе бидат укинати тогаш кога ќе се создадат услови за економски и политички реципроцитет со Србија, нагласувајќи дека за тоа нема временски рок затоа што првин треба да се изврши анализа.

Арбен Гаши, пратеник на Демократскиот сојуз на Косово, партијата која е дел од владејачката коалиција, оцени дека таксите биле повеќе штетни за Косово, иако Србија изгубила неколку милиони евра. Гаши рече дека тие пари не отишле за косовските производители, а зголемена е инфлацијата за 2,5 отсто и е нанесена значителна политичка штета во односите со меѓународната заедница.

„Размислуваме за укинување на таксите за да го исполниме директното барање на меѓународната заедница и за да ѝ дадеме можност на меѓународната заедница да посредува во дијалогот меѓу Косово и Србија. Од друга страна, се изјаснивме за реципроцитет кој ќе се воспостави така да не пречи повторно дијалогот посредуван од меѓународната заедница, особено од Соединетите Американски Држави (САД)“, рече Гаши.

Тој истакна дека укинувањето на таксите е прашање на денови или недели, и дека воведувањето на реципроцитетот ќе биде постепено, но тотално, и дека тоа ќе значи во областите во кои Србија не го признава Косово, ниту Косово нема да ја признае Србија, како во економските, така и во билатералните и мултилатералните односи. Гаши додаде дека до целосното воведување реципроцитет Косово ќе му даде шанса на дијалогот.

Од друга страна, Даут Харадинај, пратеник на опозициската Алијанса за иднината на Косово (AAK), оцени дека таксите го оневозможиле стремежот за поделба на Косово. Иако таксите се воведени додека на чело на Владата на Косово беше неговиот брат и лидер на ААК, Рамуш Харадинај, Даут нагласи дека неговата партија во односите кон Србија ќе биде конструктивна. Тој како проблем го истакна тоа што не е познато што точно мислат партиите на власт под поимот реципроцитет.

„Додека нема реципрочно признавање, реципроцитетот нема да функционира, тоа е повеќе, би рекол, избегнување на одговорност пред косовската јавност. Таксите не се воведени на наши пријатели, на нашите американски и европски сојузници, туку таксите се воведени на Србија и јасно е зошто. Србија пред три години беше многу агресивна кога Косово беше кандидат за зачленување во УНЕСКО, а особено за зачленување во ИНТЕРПОЛ“, рече Даут Харадинај.

Сомнеж за замена на таксите со реципроцитет изнесе и пратеникот на Иницијатива за Косово, Хаџи Шала. Тој рече дека таксите имале свој ефект.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın