Vesna Besic,Senita Sehercehajic
18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Со положување свечена заклетва на инаугурацијата која е одржана во претседателскиот Кабинет, Зоран Милановиќ ја презеде должноста петти претседател на Република Хрватска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Милановиќ на должноста претседател е избран во вториот круг од претседателските избори на 5 јануари оваа година откако со мнозинство гласови ја победи досегашната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.
Претседателската инаугурација на Милановиќ воедно е и првата која не е одржана на Марковиот плоштад во Загреб и со најмалку поканети гости досега. На инаугурацијата присуствуваа повеќе од 40 лица - функционери, меѓу кои и двајца поранешни претседатели Стјепан Месиќ и Иво Јосиповиќ, семејството на избраниот претседател и членови на неговиот изборен штаб.
Откако Милановиќ ја положи и ја потпиша свечената заклетва, претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ рече: „Објавувам дека Милановиќ стапува на должноста утре, на 19 февруари.“
„Изборите се метод за постигнување мирен компромис помеѓу бројни желби и различни луѓе. Едно е вистината, а друго е легитимната политичка волја со таа вистина да се направи нешто или да не се направи ништо. Како да ги одржиме разделени вистината и желбата, особено денес кога технологијата невидено ја олеснува манипулацијата со човековата желба. Ми се чини дека постои само еден вистински пат, полна и активна поддршка на власта, на академската научна независност и независноста на судството и на медиумите. Тоа е најцврстата брана на тиранијата“, рече Милановиќ во својот говор на инаугурацијата.
Смета дека научната заедница, судството и медиумите мораат без престан да работат на усовршување на механизмите за борбата против нечесноста и корупцијата во сопствените редови.
Што се однесува до овластувањата на претседателот, Милановиќ рече дека не мисли да биде корективен, туку конструктивен фактор.
„Заштитата и промоцијата на независноста на судството, медиумите и знаењето се најважната содржина на начелната уставна формулација за одговорност на претседателот на Републиката за стабилност на државната власт“, истакна Милановиќ.
Во надворешната политика ќе соработува со сите, и со државите кои имаат многу нерешени прашања, а ќе се фокусира на оние точки на кои можат да се градат соработка и просперитет.
„Ве молам да имате разбирање за моите идни грешки - ќе ги има бидејќи тие грешки никогаш нема да бидат намерни, со намера некого да повредат или да понижат. Никогаш не ни беа. Ќе вложам сѐ што имам и знам од тоа зрно доверба и разбирање да израсне мандат од корист за модерна Хрватска и за сите нејзини граѓани“, рече Милановиќ на инаугурацијата.
Смета дека е „грешка кога поради различни ставови едни со други, ја доведуваме во прашање мотивацијата и мотивите за дејствување“.
„Патриотизмот подразбира неизбришливо сеќавање и вечна благодарност на сите оние кои го дадоа животот во Татковинската војна, како и на оние кои го дадоа во претходната војна, во борбата за антифашизмот. Војните завршија. Денес наша обврска и одговорност е ниту еден граѓанин на нашата држава да не се чувствува исплашено, дискриминирано или на кој било начин исклучено. Нашата иднина зависи од квалитетот на образованието и од активна верба во тоа дека знаењето е клуч на исполнувањето на поуспешен живот. Хрватска, денес, и покрај сѐ, сепак е доволно зрела, искусна и моќна да може квалитетното образование на сите нивоа да го направи достапно за сите луѓе, без оглед на нивниот социјален статус, потекло, етничката припадност. Нашата иднина, исто во голема мера зависи од тоа како ќе се однесуваме кон сопствената култура“, рече Милановиќ.
Истакна дека Хрватска не ја сочинуваат само високоообразованите, туку дека таа еднакво им припаѓа и на менаџерка и на вработена на каса.
„Сузбивањето на клиентелизмот, културата на лагата и алчноста се главни и најефективни инструменти во борбата против нееднаквоста и понатамошното класно и човечко раслојување и оддалечување. На нашата Република ѝ треба секој човек. Ова е куќа за нас, за сите нас, за оние кои сме тука, за генерациите кои доаѓаат и за оние кои ќе се вратат во својата куќа“, порача Милановиќ.
По неговиот говор, одржано е примопредавње на должноста помеѓу Милановиќ и неговата претходничка Грабар-Китаровиќ.
Меѓу присутните на инаугурацијата беа и премиерот Андреј Пленковиќ и претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ. Со нив беше и потпретседателот на Владата и министер за одбрана, Дамир Крстичевиќ. Во резиденцијата дојде и поранешниот хрватски претседател Стјепан Месиќ.
На церемонијата беа присутни и потпретседателите на Саборот, Милан Бркиќ, Жељко Реинер и Божо Петров, а дојде и поранешниот претседател на Хрватска, Иво Јосиповиќ. На инаугурацијaта присуствуваше и потпретседателот на хрватската Влада и министер за градежништво, Предраг Штромар.
Ова, инаку, беше првата претседателска инаугурација која не е одржана на Плоштадот „Св. Марко“ во Загреб, на која не присуствуваа претседатели на партии, дипломати, а ниту претставници на Католичката црква.