Admir Fazlagic
18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, во Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот парламент (ЕП), Давид Мариа Сасоли, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, на средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот во Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, претседателот на ЕП, Сасоли „даде целосна поддршка на сите реформски чекори кои Владата, Собранието и граѓаните ги донесоа во изминатиот период“.
„На средбата се нагласи дека Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се пример во регионот и столб на европската иднина на Република Северна Македонија и дека земјата останува доследна на обврските за спроведување на договорите кои претставуваат пример за решавање на билатерални спорови“, се вели во владиното соопштение.
Се наведува дека Сасоли и Спасовски се согласиле дека успешните реформи и новата методологија се важни чекори кон скорашно отпочнување на преговорите за членство.
„Таа цел е заедничка на сите европски институции и на најголем дел од државите членки на ЕУ, беше констатирано на средбата“, пишува во соопштението.
„Претседателот на Европскиот парламент, Сасоли, истакна дека Западен Балкан е стратегиски регион за ЕУ и дека тој при посетата на нашата земја се уверил дека граѓаните силно веруваат во ЕУ и во заедничката иднина. Во таа насока, рече претседателот Сасоли, Европскиот парламент ќе даде свој придонес за поддршка на Западен Балкан на Самитот во Загреб“, информираат од Владата на Северна Македонија.