Husamedin Gina
18 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Италија, генерал Енцо Вeчиарели, на покана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, престојува во официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Генералот Вечиарели, по пречекот со високи воени почести оствари средби со својот домаќин, генералот Ѓурчиновски и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, по што следуваа официјални разговори во присуство на делегацијата на Генералштабот на Република Италија и персоналот од Генералштабот на Армијата.
Според соопштението од Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, на состанокот во Генералштабот, покрај презентирање на мисијата и актуелните процеси кои се одвиваат во Армијата, разговарано е и на теми поврзани со процесите на интеграција и стандардизација по полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, а исто така разгледани се можностите за интензивирање на меѓусебната воена соработка и учеството во мировни мисии.
„За време на официјалните разговори, генералот Ѓурчиновски изрази благодарност за посетата и континуираната поддршка која доаѓа во еден важен период за нас, кога очекуваме полноправно членство во НАТО и кога со полн интензитет се спроведува процесот на трансформација на нашата Армија, со цел потполна интеграција во НАТО-структурата“, се наведува во писменото соопштение.
Генералот Вечиарели, на денешната средба истакна дека соработката помеѓу армиите на Италија и Северна Македонија е особено значајна, притоа посочувајќи дека соработката и поддршката ќе продолжат во сите полиња и во формат на сојузници.
Вечиарели воедно изрази уверување дека Република Северна Македонија ќе има значајна улога за безбедноста на регионот и пошироко.
„Посетата на највисоко ниво од страна на Генералштабот на Вооружените сили на Република Италија, која е меѓу најголемите и највлијателни земји на НАТО во Европа, покрај зајакнување на меѓусебните релации на воен план, претставува искажана доверба и признание за достигнатите стандарди во обученоста и интероперабилноста на Армијата на Република Северна Македонија со армиите на земјите членки на НАТО“, се подвлекува во соопштението од Генералштабот.
По средбите во Генералштабот и посетата на Канцеларијата за врски на НАТО, генералот Вечиарели во придружба на генералот Ѓурчиновски, оствари средба со претседателот и врховен командант на Вооружените сили на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.