Admir Fazlagic
22 Март 2020•Ажурирај: 24 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - „Армијата многу директно ќе се вклучи во поддршка на сите државни институции во справување со последиците на коронавирусот и ќе биде на првата линија на одбрана на здравјето на граѓаните секаде каде што тоа е потребно“, рече заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната прес-конференција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шекеринска изјави дека, согласно Уредбата што ја донесе Владата, а која на Армијата ѝ дава обврска во услови на вонредна ситуација да биде целосно во функција на поддршка на различните државни органи, пред сè и особено на полицијата, формиран е оперативен штаб помеѓу полицијата и Армијата и во него прецизно се дефинирани начините на кои Армијата ќе ѝ асистира на нашата полиција.
Според Шекеринска, главниот фокус во следниот период ќе биде ставен на три задачи.
„Првата задача е целосно преземање на контролата на граничната линија од страна на нашите полициски структури, односно од страна на граничната полиција. Тоа не значи дека војниците ќе ни ги контролираат нашите гранични премини, тука ќе продолжи да биде ангажирана полицијата, но целата порано наречена зелена линија на нашата граница ќе биде контролирана и под надзор на припадниците на Армијата со цел да се спречат нелегални влезови и излези од нашата граница“, рече Шекеринска.
Втората задача на припадниците на Армијата ќе биде заедничко учество во мобилните екипи на полицијата и Армијата коишто ќе можат да спроведуваат проверка на влезови и излези од населени места, особено во делот на кризните подрачја, но и мобилни пунктови и контролни точки во реоните на ангажирање.
„И третата задача којашто ја доби Армијата е во овој период да обезбеди физичко обезбедување на витални објекти коишто досега беа обезбедувани од страна на МВР. Во првиот чекор тоа значи дека Армијата ќе го преземе обезбедувањето на објектите како што се Собранието на државата, Владата на Република Северна Македонија, меѓутоа исто така и важни локации како што се на пример нашите затвори“, појасни Шекеринска.
Таа објасни дека Армијата ќе функционира исклучиво во комбинирани тимови со полицијата, токму поради тоа што полицијата е таа што е вежбана и обучувана да се справува со ваков тип цивилни закани, меѓутоа ќе даде силна поддршка со бројка, со луѓе, со опрема за да може полицијата да ги спроведе овие засилени активности и задачи.
„Одлуките да ангажираме Армија во вакви моменти, не беа лесни. Меѓутоа беа оправдани. Оправдани се затоа што целиот свет, а не само ние се соочуваме со епидемија, опасност којашто никој не можел ниту да ја замисли“, истакна Шекеринска.
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, соопшти дека во земјава се регистрирани 29 нови случаи на коронавирусот, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во земјата се искачи на 114.
Од денеска, со одлука на Владата на Северна Македонија, на целата територија во државата се воведува полициски час од 21 до 6 часот.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување во борбата против ширењето на коронавирусот.