Abdula Berisha
10 Јуни 2020•Ажурирај: 11 Јуни 2020
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерката и министерка за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, рече дека за тоа кој ќе биде премиер одлучуваат граѓаните на избори, додавајќи дека ним им е најважен квалитетот пред етничката припадност на идниот премиер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вицепремиерката Шекеринска учествуваше на свеченоста по повод одбележувањето на 10 Јуни, Денот на воздухопловниот ВИНГ, а по церемонијата одговараше на новинарски прашања.
Таа беше запрашана за барањето на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, кој порано во текот на денот ја образложи идејата за прв премиер Албанец во Северна Македонија.
Споредувајќи го ова прашање со здравството, Шекеринска рече дека „кога одиме во болница, прашуваме кој е добар лекар, не дали е тој Македонец или Албанец“, потенцирајќи дека граѓаните на овој начин пристапуваат и кон прашањето за премиерот.
„Прашањето за иден премиер е прашање кое се одлучува на избори од страна на граѓаните, а не на прес-конференции и не од страна на политички партии“, истакна Шекеринска.
Исто така, таа беше запрашана дали 5 јули е најсоодветен датум за одржување на предвремени парламентарни избори, со оглед на состојбата со пандемијата на коронавирусот, како и за учеството на опозицијата на овие избори.
Шекеринска рече дека опозицијата нема причина да не учествува на изборите, додавајќи дека доколку не се прогласи нова вонредна состојба, прашањето за избори не е прашање на политичка волја.
„Ние покажавме дека три пати по ред знаеме да организираме избори на кои никој не може да фрли дамка. И покажавме дека од држава со катастрофални оценки и во делот на слободата на медиумите и во делот на демократските процеси, вклучително избори, станавме држава која на овие теми покажа најголем напредок“, рече Шекеринска.
Потсетуваме дека поради пандемијата на коронавирусот во Северна Македонија се одложија предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април, а политичките партии сè уште не постигнаа договор за нов датум за избори.