Edıta Zekjırovıkj
17 Мај 2022•Ажурирај: 18 Мај 2022
СКОПЈЕ
Министерот за образование и наука на Северна Македонија, Јетон Шаќири, и вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа, Томас Бошек, потпишаа договор за грант, што вклучува неповратни средства за реконструкција на спортските сали во основните и средните училишта, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неповратните средства се во износ од 3 милиони евра и се наменети за реконструкција на 30 спортски сали во основните и средните училишта и за набавка на опрема за 50 спортски сали во основните училишта.
Министерот Шаќири се заблагодари на Банката за развој при Советот за Европа, која ги обезбеди средствата за поддршка од земјите донатори: Шведска, Норвешка, Австрија и Германија, како и на делегацијата на Европската Унија во Скопје за активната поддршка што ја даваат.
„За нас како земја во развој со прилично ограничен буџет овој износ е значајна поддршка и ве уверувам дека средствата правилно ќе бидат искористени во интерес на децата, а согласно со анализата која ја направивме како Министерство во изминатиот период се покажа каде и колку и во кои училишта е најприоритетно да се вложи за да се обезбедат подобри услови за часови по спорт, но и за рекреација по завршување на наставата“, рече тој.
Шаќири нагласи дека средствата ќе бидат вложени во училиштата и од урбани и од рурални средини, што значи дека нема приоритизација на општина или училиште по ниту еден основ освен по направениот увид и проценка дека е потребна реконструкција. Предвидено е грантот целосно да се реализира до крајот на 2024 година.
Вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа, Бошек, рече дека со овој проект ќе се подобри образовната инфраструктура на голем број ученици.
„Зголемувањето на пристапот до образованието и согледувањето на образовните резултати и економскиот развој се високи приоритети на Банката за развој при Советот на Европа и затоа ќе ни биде задоволство да ја продолжиме соработката со властите на Северна Македонија во областа на образованието“, истакна Бошек.
Штефан Худолин, претставник од делегацијата на Европската Унија во Скопје, нагласи дека е од големо значење преку образовниот систем да се поттикне физичката активност на децата.
„Ние исто така ќе обрнеме внимание и ќе биде висок приоритет да направиме инклузивен пристап, децата со посебни потреби да бидат дел и да ги користат овие објекти, кои ќе бидат реновирани и обновени со наша помош“, додаде Худолин.